Свет
13. May 2016 - 9:55

Кога Американците гласаат како Балканците

Ал Џезира Балкан - Сараево

Републиканската елита должи на себе објаснување зошто доцна се сетила да го спречи Доналд Трамп во походот за партиската претседателска номинација, а откако стана речиси извесно дека њујоршкиот милијардер ќе се бори за влез во Белата куќа, Американците и светот се повеќе анализираат што би значело тоа за нив. 

„Навистина е застрашувачки што 7,8 милиони Американци се подготвени да гласаат за Трамп‟ - пишуваше либералниот британски весник New Statesman кон крајот на март, во време кога во трката за номинација се уште беа сенаторот од Тексас Тед Круз и гувернерот на Охајо Џон Касич.

„Но, кога ќе слушнете дека Трамп се фали со својата популарност или ќе ги видите извештаите за неговите победи, вреди да се потсетиме дека тој моментално има поддршка од само 10 проценти од американските гласачи‟.

Трамп во меѓувреме зад себе остави дури 16 републикански кандидати и де факто обезбеди номинација. Иако, како што тврдат истражувањата на јавното мнение, во конечната пресметка Трамп е најдобра вест за Хилари Клинтон на која и предвидуваат номинација демократите и речиси убедлива победа на изборите на 8 ноември, ништо не е решено, а гласачите често знаат да ги изненадат аналитичарите.

Трамп со својот остар јазик и конзервативни предлози успеа да се избори за страсна поддршка на белото, машко гласачко тело, кое е незадоволно од економската стагнација и ја изгуби довербата во естаблишментот. Неговите повици на забрана за влез на муслимани во САД, на притисокот на Мексико да плати изградба на пограничен „голем убав ѕид‟ и неговото ветување дека повторно ќе преговара за меѓународните трговски договори, помалку неочекувано донесоа изненадувачка поддршка, но прашање е дали ќе биде доволна.

Континуитет на политиката на Обама

Наспроти него, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, упориште најде меѓу тие кои очекуваат континуитет на политиката на Барак Обама.

Искусна е, иако во години на политички демонстрации искуството се брои како негативна карактеристика. Пред да влезе во завршната трка, ќе мора да се бори за гласовите на традиционалните демократи кои се разочарани од степенот на прогресот остварен во двата мандата на Обама.

Аферата за користењето на приватен меил сервер додека била шеф на дипломатијата, која ја истражува ФБИ, може да и наштети. Клинтон е долго на сцена, а гласачите бараат промена. Стартната лојалјност за да ја запише историјата како прва жена во Белата куќа се топи, а големо прашање е дали Американците се подготвени да ризикуваат повторување на семејните психодрами на Клинтонови од почетокот на 90-тите.

Тогаш како ќе се определат Американците? Што ќе ги мотивира? За САД е необично, на нас во регионот познато, речиси половина гласачи кои го поддржуваат Трамп или Клинтон, веројатно ќе се определат за „негативно гласање‟: ќе се обидат да ја блокираат другата страна во победата, што е потврда на длабоките идеолошки поделби и страв ривалите да не триумфираат.

Според неодамнешното истражување на Ројтерс-Ипсос, дури 47 отсто симпатизери на Трамп велат дека пред се го поддржуваат да ја спречат Клинтон да победи, додека помал процент (43) се фалат поради неговата политичка позиција. Слично расположение владее и меѓу демократите: околу 46 отсто ја поддржуваат Клинтон бидејќи не го сакаат Трамп за претседател, додека 40 проценти се мотивирани од нејзината политичка позиција. Ставот на гласачите може да се промени во текот на следните месеци, но општа сцена е дека негативната атмосфера ќе се задржи.

Трендот ривалите да се опишуваат како „опасност по националната благосостојба‟ трае со децении зацврстувајќи ги гласачите долж демаркационата линија на американската политика.

Трамп делува како феномен на нашето време. Со умешна манипулација на социјалните мрежи, отворена антипатија кон политичките елити и реторика својствена на современите десни популисти, успеа да се наметне на значаен број Американци соочени со тешката реалност на економското назадување и осиромашувањето на средната класа. Неговиот бомбастичен позив „вратете ни ја нашата земја‟ поминува.

Тие кои подобро ја познаваат американската историја во сето тоа не наоѓаат ништо ново. Потсетуваат на времето од 1850-тите, кога внатрешните поделби, расцепканите политички партии и економските несреќи, овозможија подем на опортунистите и демагозите, кои како Трамп успешно ги експлоатираа чувствата на несигурност и страв.

Во тоа време, кога Америка лесно влегуваше во глобалната економија, многумина сметаа дека се жртви на новиот светски поредок. Новите индустрии забрзано ги менуваа градовите, а илјадници луѓе верувале дека нивната држава им ги зима платите и начинот на живот. И тогаш имало многу политичари кои граделе кариери на тоа.

Трамп денес Америка ја потсетува дека популистичкиот национализам по подолг период на успиеност е близок на неговата политика. Ништо необично повремено да се враќаат реториката и пристапите од пред речиси два века. Тогашниот страв од апокалипса на граѓанската војна денес се враќа во форма на омилените стравови на Трамп од бегалците, тероризмот и назадувањето, денес се покажува успешно, а го продава на своите симпатизери.

Повторно се слушаат извици дека Америка мора да стане „нова Голема Америка‟.

Трамп, мора да се признае, мајсторски го комбинира анти-елитистичкиот популизам со параноја. Тој инстиктивно знае како да ги мобилизира емоциите кои се длабоко вкоренети во американската политичка култура.

Трамп се држи до стратегија која веќе му донесе поддршка од милиони гласачи. Тој во текот на целата кампања ги напаѓаше Обама и Клинтон, обидувајќи се на тој начин да ги собере републиканците. Откако увиде дека популарноста му расте кога директно атакува на ривалите од Демократската партија, може да се очекува дека уште подиректно ќе го напаѓа претседателот и неговата поранешна државна секретарка.

Борбата станува се повеќе лична. Њујоршкиот милијардер ја критикува Клинтон тврдејќи дека заедно со сопругот Бил примила големи пари за Фондацијата Клинтон, кој тој ја нарекува „измама‟.

Ја поврзува и за некои одлуки кои Бил Клинтон ги донесувал како претседател, како договорот НАФТА за слободна трговија меѓу САД, Канада и Мексико.

Трамп за цело време Клинтон ја прикажува како политичарка која не е ништо друго туку продолжена рака на политиката на Обама, но и како лице кое не се разбира во економијата, што несомнено ќе биде главна тема на изборите. „Ако погледнете што има намера да направи, таа околу работата ќе биде толку лоша, што платите на работниците ќе се намалуваат‟ - се обидува Трамп да ги анимира гласачите и да го промени трендот кој покажува дека Клинтон има 61 отсто шанси да се всели во Белата куќа, за разлика од неговите 40 проценти.

Без единство меѓу републиканците

Иако охрабрен од последните бројки кои покажуваат дека Клинтон оди надоле, а тој расте, за да успее Трамп ќе мора да има единствени републиканци зад себе. За сега ги нема. И понатаму е соочен со отпор на проминентните републиканци кои се уште се во шок од незадржливиот налет на политички нови придојдени луѓе без ден работен стаж на Капитол Хил.

Посебно немаат доверба во тоа што го нарекуваат напуштање на републиканската линија на теми како што се офанзивните коментари на Трамп за жените, имигрантите или трговијата.

Републиканскиот претседател на Парламентарниот дом Раул Рајан е меѓу тие кои се сомневаат во Трамп. Поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш, кој неуспешно учествуваше во трката за номинација на републиканците, соопшти дека нема да гласа за Трамп кој го нарекува „неконзистентен конзервативец‟. Сенаторката Линдзи Грахам од Јужна Каролина и Мит Ромни, кој имаше номинација од републиканците во 2012 исто така, исто така се придружија на листата на тие кои одбиваат поддршка на Трамп.

Логично е дека сите истражувања укажуваат дека демократите ќе имаат похомогено гласачко тело од републиканците, кои сериозно се поделија во текот на кампањата за номинација, па партиските противници на Трамп се преиспитуваат дали воопшто да му дадат поддршка. Неговите неконзистентни изјави околу абортусот или геј правата, на пример, внесуваат елементи на конфузија кај конзервативците и од левото и од десното крило.

„Тој ќе мора да собере луѓе кои ги разбираат тие прашања и ќе мора да ги слуша‟ - вели за агенцијата АП Тони Перкинс, претседател на конзервативниот Совет за истражување на семејството. Што не значи дека Трамп нема поддршка од некои од првите републикански ешалони како што е гувернерот на Тексас Рик Пери, поранешниот потпретседател на САД Дик Чејни, гувернерот на Небраска Пет Рикетс или претседателот на партијата Ренс Пребис. Неговите советници веруваат дека на крајот партијата сепак ќе се собере, бидејќи се покажува дека Трамп успеа да ги зајакне републиканците привлекувајќи нови членови.

Парите на Трамп за кампањата

Политичката поддршка не е доволна, а фокусот се насочува кон „завршната пресметка‟. Трамп, кој до сега користеше сопствени пари, покренува кампања за завршницата на трката да собере дури милијарда долари.

Истовремено, последниот човек кој остана во републиканската трка сега се обидува да привлече што повеќе гласачи, но прашање е дали неговата офанзива на шармот по месеците во чиј тек многу од нив ги навредуваше, ќе го донесе резултатот кој го очекува. „I love Hispanics!‟, порача овие денови, но неговите последни жестоки коментари за имиграцијата ја натерааа Латино заедницата да го повикаат да ја прекине реториката со која дискредитира разни малцински групи.

Најголем проблем на републиканците е што серизно поделената партија не ги добива американските претседателски избори. Извесноста дека Трамп наскоро и официјално ќе обезбеди номинација само наговестува дека републиканците ќе избегнат хаос во јули и кошмарно сценарио на цепење.

Клинтон, која во кампањата исто така се повеќе се фокусира на Трамп, во меѓувреме доби поддршка од Белата куќа. Пораката на Обама беше многу јасна: Влезот во Овалната соба не е реално шоу, порача претседателот, недвосмислено стрелајќи кон естрадната фигурна на њујоршкиот тајкун на недвижнини и неговото ТВ минато. „Ова не е забава. Ова е трка за претседател на САД“.

Како што станува се појасно кој ќе учествува во завршниот дуел, во дебата се вклучи и државниот секретар Џон Кери критикувајќи го Трамп поради неговите изолационистички идеи кои симболизираат идеја на изградба на ѕид кон Мексико. „Никогаш нема да бидеме на врвот ако прифатиме совети од гласни трговци и карневалски телали кои сметаат дека најмоќната држава на светот може да остане голема вртејќи се кон себе и криејќи се зад ѕидови‟.

Што на тоа ќе каже Трамп? Колку во подготовките за финалниот дуел со Хилари Клинтон ќе му помогне тоа што, како официјален кандидат, наскоро ќе почне да добива регуларни брифинзи од ЦИА за некои од најчувствителните разузнавачки прашања на САД?

Ова би можело да биде бизарна година. Кладилниците даваа 5,000:1 дека Лестер Сити ќе го освои првенството, а успеаја. Зошто и Трамп, по осум години владеење на демократите, не би постанал 45-ти претседател на САД?

За да успее, Трамп во следните шест месеци за да успее мора да го убеди мнозинството Американци, не само републиканците, туку и независните демократи, дека тој е вистински човек за најмноќната функција на светот. Што за сега сепак е на граница на чудото.