Македонија
13. March 2018 - 16:14

Коѕиас на 22-ри март во Скопје

 Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас ќе ја оствари долго најавуваната посета на Скопје на 22 и 23 март, објави грчка „Та неа“.

Иако со мало задоцнување, весникот пишува дека посетата се смета за важна, бидејќи разговорите ќе бидат концентрирани на грчките предлози и очигледно соодветните скопски предлози за постигнување меѓународен договор што ќе биде основа за можен компромис за името.

Фокусот ќе се стави и на прашањето за промени во Уставот и начинот на имплементација на договорот за да се одблокира датумот за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО на Самитот во јули.

Според информациите на Та Неа, на 22ри, Коѕијас ќе има заедничка вечера со Димитров, а на 23-ти официјална средба. Не е исклучено, шефот на грчката дипломатија да има средби и со други политичари. 

Исходот од разговорите во Скопје ќе биде важен во пресрет на следната планирана средба на Коѕијас и Димитров со специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц, пишува Та неа.

Катимерини, пак додава дека со бавна динамика, по многу брзиот почеток, течат преговорите за решавање на разликата околу името меѓу Атина и Скопје. 

Според весникот, и покрај тоа што македонската влада ги направила првите симболични отстапки, тие се мали, а важните разлики остануваат.

,,Катимерини‘‘ наведува дека за Грција и понатаму е важно Македонија да направи уставни промени.

,,Основен „трн“ барем за Атина, останува континуираната изјава на Заев дека нема ревизија на Уставот. За Грција, ревизијата на Уставот на ПЈРМ, наспроти линијата на Заев, е гаранција дека решението ќе биде трајно, практично отфрлајќи склучување на меѓународен договор. Иако се знае дека добивање двотретинско мнозинство никогаш не е лесен случај, во Атина се проценува дека Заев може да најде 80 пратеници за ревизија на Уставот на ПЈРМ‘‘, пишува весникот.