Кочински: Се очекува постепено намалување на активноста на вирусот на грип
Сѐ уште сме во широка географска распространетост, но, со средна активност на вирусот на грип. Се очекува и според историските податоци, постепено намалување и да излеземе од овој период, изјави денеска раководител на Одделот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје, д-р Драган Кочински.
Тој беше прашан каква е состојбата со грипот моментално, откако во државава имаше благ пад на заболени лица одреден период, а според денешните податоци, повторно има пораст.
Институтот соопшти дека во осмата недела од 2025 година, пријавени се 3.035 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грипот, за 11,3 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица за тој период, споредено со осма недела од минатата сезона е зголемен за 3,7 пати, а во споредба со бројот за осма недела од типичната епидемиска крива - моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 25,6 проценти. Од 17 до 23 февруари, пријавен е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на возраст од 78 години од Скопје, кое било хоспитализирано во УК за пулмоалергологија. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип.
- Тоа на што апелираме уште од почетокот на сезоната, е, почитување на општите мерки на превенција за респираторни заболувања воопшто, каде припаѓа и грипот. Избегнување контакт со заболени лица, избегнување простории каде што има голем број лица, често проветрување на просториите каде што се престојува, слоевито облекување, топло во ладните зимски денови и консумирање свежи продукти богати со витамини и минерали - овошје и зеленчук. Кога би се појавиле симптоми, тогаш да се избегнува контакт со други луѓе, да не ги доведуваат во ризик, да се остане дома, да се пијат многу течности и секако, доколку се чувствува влошување на симптомите, веднаш да се контактира матичен лекар или инфектолог, подвлече Кочински.
Вкупниот број случаи на грип и слични заболувања во сезоната 2024/2025 изнесува 17.375, посочуваат од Институтот. Споредено со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 36,4 отсто, а во однос на моделот од последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 12,3 проценти. Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани биле три починати лица асоцирани со грип.
Од Институтот повторно нагласија дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи - согласно препораките на СЗО: постарите лица - над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени, како и здравствени работници.
Заклучно со осма недела, во државава вакцинирани се вкупно 72.293 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.
Ново на Сител
-
Осум лица се уапсени по пронаоѓањето 31 дете во Брчко, во истрагата вклучен Европол
-
Мицкоски: Повикувам што повеќе Албанци во јавната администрација, но не се јавуваат за плата од 25.000 денари
-
Песков: Русија нема намера да ги врати окупираните територии на Украина
-
Град Скопје: Трајановски не може да даде оставка бидејќи е разрешен пред три месеци
-
Заменик-градоначалникот на Град Скопје Александар Трајановски поднесе оставка: „Со јавните претпријатија владее екипа од Сарај и ДУИ“
-
732 санкции за сообраќајни прекршоци во текот на вчерашниот ден
-
Работнички последен полуфиналист во одбојкарскиот Куп
-
Приведени двајца дилери од Битола, пронајдена дрога