Македонија
8. March 2026 - 16:31

Кочанско поле повторно во пламен

Проблемот со палењето на стрништата на оризовите ниви во Кочанско со години останува еден од најголемите еколошки предизвици во регионот. Пламените јазици предизвикуваат загадување на воздухот и непријатна миризба, а во последно време се и вистинска закана за учесниците во сообраќајот.

- Стрништата и трските кои се наоѓаат покрај патиштата се палат со стари гуми, се создава т.н. димна завеса која смета и на сообраќајот, така што можат да се случат и некои сообраќајни незгоди, изјави Драган Апостолов, командир на ТППЕ- Кочани.

И покрај апелите на институциите и казните предвидени со Закон, дел од земјоделците и натаму ја користат оваа практика за побрзо расчистување на нивите. Во лоцирање на сторителите се вклучени и од Министерството за земјоделие и противпожарната служба, но неопходна е да проработи граѓанската свест.

- Ги охрабрувам граѓаните, ако видат некој од сторителите, пиромани кои ги палат тие површини, слободно да пријават, ќе ги откриеме. Имаме и нова опрема, со дрон ги откриваме, додаде Апостолов

Територијалната противпожарна единица во изминатиот период интензивно работи и на едукација на населението уште од најмала возраст, зашто последиците од аерозагадувањето директно влијаат на здравјето на сите.

- 2025 година ја поминавме со предавање во сите основни и средни училишта, за едукација на учениците и професорите за справување со почетни пожари, пожари во објекти, а ќе имаме и предавања за превенција од шумски и полски пожари, изјави Апостолов

Наместо да заврши во чад, оризовата слама може да стане корисен ресурс за самите земјоделци. Таа може да се користи како суровина за производство на брикети и пелети за греење, но и како материјал за производство на компост и органско ѓубриво.