Македонија
26. July 2026 - 17:38

Кобен јули за истокот, пожари, па невреме

Јули се покажа како кобен месец за општините од источниот регион. На почетокот од месецот тие се бореа со големи пожари во кои изгореа стотици хектари површина, а на самиот крај силно невреме проследено со дожд и урагански ветер предизвика нови штети на јавни објекти, домови и инфраструктура. Оштетувања се евидентирани во повеќе општини, каде силниот ветер корнеше дрвја, откорнуваше кровови и оштети јавни и приватни објекти. По завршувањето на проценките ќе биде познат и вкупниот износ на штетата. Само во Пробиштип досега се пристигнати над 100 пријави од граѓани.

- Најголемиот дел од нив се однесуваат на оштетени кровови на куќи, помошни објекти, како и гаражи, настрешници, фасади, оштетени возила. Евидентирани се оштетувања и на јавни објекти и институции. Службите се на терен и санацијата на овие оштетувања е во тек, изјави Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.

Во Штип, каде невремето предизвика најголеми последици, за целосна санација на кровот на Основното училиште „Ванчо Прќе“ ќе бидат потребни околу еден милион денари, додека пресметката за реконструкција на оштетениот дел од кровната конструкција на Клиничката болница сè уште се изработува. Од болницата информираат дека е извршена првична санација на оштетениот дел од кровната конструкција за да се спречат дополнителни оштетувања при евентуални нови врнежи. Во тек е расчистување на шутот, поради што привремено е изменет пристапот за возилата и граѓаните. Пациентите со скршеници и понатаму се препраќаат во други здравствени центри, а конечната проценка за висината на штетата и трошоците за целосна санација ќе биде позната по завршувањето на увидот.