Македонија
21. July 2020 - 16:38

Коалиции: И Заев и Мицкоски најавуваат формирање Влада

Преговорите за нова Влада ќе почнат по илинденските празници, вели лидерот на СДСМ во интервју за порталот А1он. Според Заев, изборните резултати јасно покажувале кој го има мандатот за формирање на Влада.

„ СДСМ и коалицијата „Можеме“ со европските и напредни политики што ги водеше досега и со јасната понуда во делот на економијата и правдата има најголем коалициски потенцијал, далеку поголем од капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија.
И јас и СДСМ досега покажавме дека за нас политиката не е бројка, политиката не ја сведуваме на услови и условувања, туку на процес од кој секогаш треба да се извлече максимумот, кој е единствено во интерес на граѓаните и на државата. Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира и здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот процес, на кој чекавме 30 години. Затоа, сметам дека разумот и рационалноста ќе преовладеат и дека во рамките на предвидените рокови од Уставот, СДСМ ќе обезбеди функционална влада. “ – вели Заев.

На Влада се надева и ВМРО-ДПМНЕ. И тие како и СДСМ се сметаат за победници на изборите

И додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ демонстрираат оптимизам, во ДУИ владее триумфализам. Партискиот лидер во интервју за косовска телевизија вели дека во Мала Речица остануваат на ставот за Албанец премиер и дека за поддршка на оваа иницијатива интензивно се водат разговори во албанскиот политички блок

Во Алијансата веќе излегоа со став дека не планираат коалиција со ДУИ, а во Левица велат дека не влегуваат во коалиција со СДСМ.

Патот до Илинденска води преку гласот на 61 пратеник во новото Собрание кое треба да се конституира на почетокот на идниот месец.