Клубот во Благоевград ќе продолжи со работата, основачите најавуваат ново здружение
Македонците од Бугарија нема да застанат во нивната мисија, бугарските власти да го почитуваат нивното право за самоопределување, откако бугарскиот централен регистар го затвори Здружението за заштита на основни индивидуални човекови права. На само два дена од отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, чиј основач е ова здружение, во изјава за Сител велат дека не знаеле што им се спрема. Атанас Мазнев вели дека ликвидацијата нема како да се одрази врз работата на клубот, но најавуваат дека ќе започнат регистрација на ново здружение.
Иако Здружението е впишано во регистарот во 2019-та конечна разврска добива во првата половина на октомври. Мазнев вели дека три години работите тапкале во место, се до моментот кога објавиле дека ќе го отворат македонскиот културен клуб, кога експресно била донесена одлука.
Шефот на дипломатијата пак Бујар Османи вели дека оправдани биле неговите најави дека отворањето на македонскиот клуб од сомнителни здруженија нема да донесе ништо добро. Требало да се прекине овој круг на отворање на здруженијата кои не воделе кон добрососедски односи.
Додека Бугарија го затвора и единственото здружение на Македонците во Бугарија, ад хок телото даде негативно мислење за регистрирање на третото бугарско здружение „Цар Фердинанд“. Од Министерството за правда за Сител брифираат дека мислењето треба да го добијат во текот на утрешниот ден, но сепак крајниот збор ќе го има Централниот Регистар.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар