Ќе се ревидираат одбиените барања за инвалидски пензии
Продолжува голготата низ институциите на 59 годишниот Бане Најдовски од Ајватовци кој неколкупати го одбиваат за инвалидска пензија. Неговото семејство бара помош од Министерството за труд и социјална политика и денеска доставиле претставка адресирана лично до Мила Царовска.
Покрај решенија од ПИОМ дека Бане и покрај деменција, неколку прележани мозочни удари и дијабет е работоспособен, во документацијата до министерката има и нови медицински извештаи од специјалисти за неговата здравствена состојба.
-Претставката за овој предмет е стигната и ќе биде разгледана. Во вакви случаи, МТСП бара од Фондот да одговори за наводите во претставката или бара од Фондот да изврши увид во предметот, по што лицето ќе добие одговор со конкретни насоки и препораки за понатамошно постапување во остварување на правото за пензија, велат од Министерството.
Овие денови претставка до Министерството за труд и социјала најави и 52 годишниот Ацо Јовановски од Скопје, кој трипати го одбиваат за инвалидска пензија иако има тешки последици по прележан мозочен удар во 2013 година. Во меѓувреме, Јовановски го чека и одговорот од Управниот суд до кого поднесе тужба поради тврдењето на Комисијата дека е работоспособен и покрај медицинските извештаи за неговото отежнато движење.
Во меѓувреме никако да добиеме одговор од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и покрај неколкуте прашања поставени изминатите денови – Што предвидува правилникот според кој работат лекарите во Комисијата, во каква здравствена состојба треба да биде пациент за да добие инвалидска пензија и колкав е буџетот на годишно ниво за овие пензии.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар