Бизнис
30. April 2018 - 19:38

Ќе се интензивира изградбата на експресниот пат Прилеп - Градско

Овој месец започнува изградбата на втората фаза од експресниот пат Прилеп – Градско, во должина 16 км., инвестицијата ќе чини 23 милиони евра. Делницата ќе ја гради италијанската компанија „Тирена Скави“.

Ова денеска во Прилеп го најави Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Делницата ќе се протега на потегот од Градско до Дреново. Инаку активно се работело и на првата фаза од овој ексресен пат, од селото Фариш до Дреновска клисура во должина од 10 км. Инвестицијата за овој дел изнесува 32 милиони евра.

„Сакам да потенцирам дека патот Прилеп – Градско е динамизиран и е интензивирана работата. Кога дојдовме на власт на 1 јуни морам да потенцирам дека крајно беше закочена работата, бидејќи одредени проектирани решенија кои беа направени од Дреновската клисура до Фариш беа во многу лоша состојба, тоа на одреден начин го отстранивме и може да видите дека сериозно е динамизирана работата таму. Во делот пак на Дреново – Градско изградбата на тој експресен пат, односно на таа делница започнува овој месец“, истакна Горан Сугарески, Министер за транспорт и врски.

Третата фаза пак од експресниот пат е долга 7,5 км. Проектната докуметација веќе била готова и се очекува оваа година да се распише тендер. Нејзината изградба ќе чинела 5 милиони евра.

Инаку денеска Сугарески изврши увид во реконструкцијата на дел од локалниот патен правец Прилеп – Вештачко езеро кој е со должина од 8 км.

„Значи сега ќе се асфалтира за тие 20 милиони денари, од кои 10 милиони денари се одвоени од ЈП за државни патишта и 10 милиони денари од Општина Прилеп. Со следниот проект кој е во фаза на одлучување мислам дека и преостанатиот дел од овој пат ќе биде реконструиран“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Преку програма на Македонија пат годинава требало да се реконструираат 29 патни правци, моментално се работело на 10, а за тоа биле издвоени 467 милиони денари.