Македонија
20. March 2023 - 16:31

Ќе се бараат работници од Непал, Бангладеш, Пакистан

Најмалку 3 македонски агенции се во преговори за увоз на работна сила од странство. Ангел Димитров од Организацијата на работодвачи во интервју за МИА, вели дека тоа е веќе востановена пракса во Хрватска и Бугарија, каде компаниите градат и интернати за претстој на работниците, кои во главно доаѓаат од земјите на средниот и далечниот исток.

- Има земји со 114-115 евра минимална плата, а нашата плата е три пати поголема. Имаат исто така и многу полоши услови за живеење и работење-изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Конкретно, Димитров добил понуда за работници од Непал, но се преговара и со Бангладеш, Пакистан и Индонезија.

- Ако тоа не го направиме, со селењето на младите надвор, ние ќе останеме без работници, економијата полека ќе пропаѓа, а буџетот ќе остане без пари. Значи, државата уште сега треба да се подготви, ако тоа не се направи, да се намали и број на пратеници во Парламент и број на министри во Влада и број на вработени во јавна администрација, бидејќи ќе нема пари за сите- додаде Димитров

Димитров смета дека е потребна либерализација на пазарот на труд, а правата од Законот за работни односи да важат подеднакво и за домашните и за работниците од странство.

- Мислам дека Македонија не е држава, како некои арапски држави, каде што странците ќе работат по 20 часа, ќе немаат никакви права и ќе се третираат како граѓани од втор ред- изјави Димитров

За запирање на иселувањето пак, мора да се реформира структурата на образованието и стопанството, да се деполитизира општеството и да нема селективна примена на законите.