Македонија
12. December 2020 - 8:51

Ќе овозможи ли новиот закон подобра заштита на жените жртви на насилство

Насилството врз жените, вклучувајќи го насилството во семејството, претставува кршење на човековите права на жртвите и пречка за остварување на нивните фундаментални слободи и права, но и проблем со кој се соочува не само земјава, туку и останатите земји во светот, а кој бара систематизиран пристап за превенција и заштита. Меѓу другото, неоходно е разбивање на стереотипите за улогата на жената, јакнење на свеста за нејзините права, ажурно постапување на сите институции во насока на заштита, но и поддршка полесно да се справи со ситуацијата и економски да зајакне за да не се врати во семејството каде трпи насилство.

Прашањето на спречување и заштита од насилство врз жената веќе петнаесеетина години е законски регулирано, но и покрај тоа што се направени поместувања напред, се уште се бележи непостапување на надлежните институции, недоволно прифатилишта за жени жртви на наилство, немање програми за економско јакнење на жената… Економската немоќ, покрај срамот да се пријави насилството, во најголем дел е она што ја принудува жената да молчи или по пријавувањето на насилството повторно да се врати во заедицата каде го трпи. Во земјава нема точни податоци за бројот на случаи на насилство, но и оние што ги има, велат надлежните, се само дел од случаите што жртвите се одважиле и ги пријавиле.

За подобро справување со проблемот МТСП изготви ново законско решение за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното
насилство кое е во собраниска процедура и во кое треба да бидат вградени сите препораки од Истанбулската конвенција. Експертите и невладиниот сектор предупредуваат дека не е доволно овој закон само да биде донесен, туку доследно да се применува да не остане само на хартија. Кампањите за подигнување на јавната свест, како последната „16 дена активизам против родово базирано насилство“ што заврши на 10 декември, можат да помогнат за подобрување на состојбите на ова поле, само доколку се проследени со соодветни напори на ниво на заштита на жртвите после пријавување на насилството, спроведување на ефективна истрага и казнување на насилниците, зголемување на соработката и координацијата помеѓу институциите.

Од Министерството за труд и социјална политика истакнуваат дека со овој закон ќе се овозможи почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот и ратификувани со меѓународни договори, спроведување на принципот на еднаквост, елиминирање на стереотипите за родовите улоги, превенција на сите форми на родово-базирано насилство врз жените, семејното насилство и утврдување на мерките и активностите за заштита на жртвите на родово базирано насилство и семејно насилство.

Предлог законот содржи превентивни мерки, како и мерки за заштита на жртвите од повеќе видови и форми на родово базирано насилство. Со него се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство, но и координацијата на институциите и организациите. Предлог-законот предвидува и обврски интегриран пристап за собирање на податоци за сите видови насилство, со цел да можат да се обработат и врз основа на нив да се преземаат следните чекори.

– Одредбите на законот јасно укажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се сметаат за приватна работа и дека државата има намера преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство, велат од МТСП.

Предлог-законот ги регулира превентивните мерки што секоја институција има обврска да ги преземе со цел елиминирање на насилството врз жените и семејното насилство, но исто така со предлог- законот се предвидува брзо и ефикасно постапување на институциите, посебно судот во постапување и изрекувањето на итни и на привремени мерки за заштита. Така, судот има обврска, веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот“ и „забрана за приближување до домот“.

Се предвидува и програма за реинтеграција на жртвите на насилство, која вклучува модели за привремено домување, психичко советување со менторство, различни видови на финансиска помош специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование за жените и нивните деца и обуки во различни области, како и мерки за вработување утврдени со закон. Економската зависност на жените е еден од главните елементи заради кои жртвите најчесто повторно се враќаат во семејството каде се одвива насилството.

Од Министерството се свесни дека голем дел од институциите затајуваат во постапувањето со игнорирање на потенцијални знаци за насилство, заради што се воведува принципот на должно внимание за нивно постапување и можност да бидат тужени доколку тоа не го направат. Довербата во институциите кај жртвите на насилство, сметаат од МТСП, мора да се врати.

Стојан Мишев од ЕСЕ Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените вели дека е добро што МТСП го иницирало процесот на подготовка и усвојување на новиот закон заради интегрално регулирање на различните форми на родово засновано насилство, вклучително и семејното насилство. Но додава, самиот проблем со насилството врз жените и семејното насилство нема да биде надминат со формалното усвојување.

-Семејното насилство е законски регулирано од 2004 година и државата не успеа да се справи со сериозните системски недостатоци кои постојат еден подолг временски период. Досегашните декларативни заложби на државата најчество беа фокусирани на формално усвојување на закони, стратегии и планови без обезбедување на услови за нивно спроведување во пракса. Како резултат на тоа жените кои претрпеле семејно насилство се соочуваат со отежнат пристап до правда и ефективна заштита од страна на институциите во период подолг од 15 години, вели Мишев.

Според него, особено загрижувачки е постоењето на сериозни системски недостатоци во спроведувањето на законот и постапувањето на институциите кои се вклучени во системот на заштита. Како резултат на овие недостатоци, потенцира тој, ние имаме тренд на висока застапеност на семејното насилство во еден период од 15-тина години.

-Наспроти декларативните ветувања од високи државни функционери, во пракса државата не покажа волја, ниту пак алоцираше буџетски средства за справување со семејното насилство и насилството врз жените. Како резултат на ваквиот однос кон овој сериозен општествен проблем, во пракса имаме: несоодветно постапување на стручните лица од институциите, како што се ЦСР, полиција и др, недостиг  на системска едукација на вработените во институциите за природата на насилството врз жените и механизмите за нивна заштита, нема унифицирано обезбедување на мерки за заштита на жртвите на ниво на цела држава, отсуство на соработка и координација помеѓу надлежните институции, непостоење на соодветен систем за собирање на податоци во самите институции, вели Мишев.

Додава дека се забележани и недостиг на превентивни активности за подигање на свесноста, особено во руралните средини и помеѓу жените припадници на етничките малцинства, мал број на случаи во кои превентивно биле изречени привремените мерки за заштита од семејно насилство, изрекување на благи казни (најчесто условни осуди) за сторителите на семејно насилство.

За да не се случи тоа и со овој закон, како што посочува, неопходно е државата да покаже самокритичност во однос на досегашниот пристап кон насилството врз жените и утврдените системски недостатоци, да го напушти досегашниот пристап на декларативни заложби и ветувања и да се покаже силна политичка волја за справување со овој сериозен општествен проблем.

-Приоритизирањето на насилството врз жените и семејното насилство значи и планирање и одвојување на буџетски средства за спроведување на законите, односно за превенција на насилството и спроведување на кампањи за информирање на јавноста за природата на  насилството врз жените и механизмите за заштита на жртвите. Паралелно со информирањето, државата мора да осигура дека по пријавувањето на насилството во надлежните институции, како што се ЦСР и полиција, истите ќе одговорат соодветно на потребите на жените кои претрпеле насилство. Притоа, ќе бидат обезбедени потребните правни, здравствени, економски и социјални услуго за сите жени кои претрпеле насилство. Понатаму, неопходно е воспоставување на систем за собирање на податоци со цел следење на состојбите и трендовите на ова поле, континуирана едукација на ЦСР, полиција, обвинителство, судство,  здравство и другите институции, вклучително почетна обука за новиот кадар и континуирана едукација на постоечкиот кадар, зголемување на координираноста помеѓу надлежните институции, спроведување на ефективна истрага и применување на предвидената казнена политика кон сторителите на семејно насилство, истакнува Мишев од ЕСЕ.

Кампањите и превентивните активности, додава, треба да се организираат со цел подигање на свесноста на јавноста во однос на природата на насилството врз жените, како и запознавање со законските механизми за заштита на жените кои претрпеле насилство. Оттука, според него, кампањите треба да придонесат најпрво за препознавање на семејното насилство, односно да ги охрабрат жените да го пријават насилството, како и да ги информираат каде можат да се обратат за помош и поддршка. Но, како што додава, превентивните активности ќе придонесат за подобрување на состојбите на ова поле, само доколку истите се проследени со соодветни напори на ниво на заштита на жртвите после пријавување на насилството, спроведување на ефективна истрага и казнување на насилниците, зголемување на соработката и координацијата помеѓу институциите.

Сличен став имаат и од Хелсиншкиот комитет од каде посочуваат оти ќе инсистираат на целосна примена на новиот закон, тогаш кога ќе биде усвоен, за да се спречат идни случаи на убиства на жени поради непостапување на полицијата, за да запре двојното малтретирање на жртвите во социјалните центри и судовите и за да им се даде целосна поддршка.

-Она што треба да значи позитивно придвижување во борбата против насилството врз жените и девојчињата е најавата за усвојување на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Она што се очекува со донесувањето на овој закон е значително подобрување на институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство. Ние ќе продолжиме да ја следиме работата на институциите, чија должност и обврска е не само да ги казнуваат насилниците, туку и да креираат политики кои на сите жени, без разлика на нивниот етникум, класа, работен и семеен статус, родов идентитет и сексуална определба, ќе им овозможат да живеат безбедно и слободно. Воедно, и ние како граѓани и граѓанки имаме обврска да се бориме против родово базираното насилство кое е сеприсутно, но и против сите пракси кои перпетуираат родови предрасуди, стереотипи и двојна виктимизација, велат од Комитетот.

Искуството покажува, велат од Комитетот, дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето од страна на жртвите, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви.

Mрежата за заштита од дискриминација смета дека земјава не нуди ефективна заштита на жртвите на родово базирано насилство и оти има голем недостиг на сервизи за заштита и поддршка. Според податоците од МВР со кои располага Мрежата за време на пандемијата е евидентиран намален број на кривични дела, но зголемен број на поплаки поврзани со семејното насилство. Значаен дел од поплаките имаат елементи на кривични дела и преземените дејствија на МВР за заштита на жртвите во случај на поплака не придонесуваат за надминување на проблемот.

И оваа година не изостанаа случаите на фемицид, односно убиствата на жена затоа што е жена. Со последниот случај на фемицидот во Гостивар се потврди дека најчестата причина поради која физичкото насилство резултира во убиство е несериозниот пристап на институциите кон родово базираното насилство. Несоодветното постапување по пријавите очекувано ја потхранува недовербата. Исто така, фемицидот сè уште не е препознаен во нашето законодавство како посебно кривично дело и покрај тоа што тоа претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво.

Земјава на 30 декември 2017 година ја ратификуваше Европската конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство (Истанбулска конвенција), која стапи на сила на 1 јули 2018 година. За таа цел усвоен е Акциски план за имплементација на ова Конвенција и објавен е на страната на МТСП, во кој се предвидени конкретни активности и временска рамка за реализирање. Посебен фокус во имплементацијата на Акцискиот план е воспоставувањето на специјализираните сервиси за жртви на семејно насилство. До крајот на 2019 година отворени се вкупно 12 специјализирани сервиси за жени жртви на насилство во седум плански региони во земјава.