Бизнис
18. January 2022 - 21:18

Ќе остане ли недела неработен ден?

Работниците ќе излезат на улица ако Уставниот суд ги поништи законите за недела-неработен ден. Од Сојузот на синдикати на Македонија со остра реакција на иницијативата на бизнис секторот за оценување на уставноста на донесените закони.

„Недела ден на неделен одмор е реалност колку и тоа на „газдите“ да не им се допаѓа, а не им се допаѓа поради тоа што ги полнеа џебовите на грбот на работниците кои им работеа без да ги плаќаат“, реагираат од ССМ.

Синдикатот најавува дека работниците нема да попуштат и масовно ќе излезат на улица во одбрана на едно од своите најважни барања, недела-неработен ден, односно поголеми дневници и дополнителен слободен ден за работниците во тие дејности кои мора непрекинато да работат.

„Доколку работодавачите не ја сфатат пораката и останат на ваквите неразумни ставови ќе мораат да се обратат на друга адреса за работници бидејќи куферите на работниците им се спакувани. Ваквиот однос на работодавачите кои сметаат дека имаат робови, а не работници претставува карта во еден правец надвор од Државата, па тогаш овие „големи газди“ сами со своите семејства ќе си работат во нивните бизниси поради тоа што без работници нема трговија, нема здравство, нема индустрија, без работници ништо нема да работи“, велат од ССМ.

Министерот за економија вели дека ќе ја почитуваат одлуката на Уставниот суд.

„Значи, ако ја укине одлуката во делот на Законот за трговија, секако дека ние ќе бидеме обврзани да ги почитуваме одлуките од Судот, а што се однесува до Законот за работни односи би Ве замолил да се обратите до Министерството за труд и социјална политика“, вели министерот за економија, Крешник Бектеши.

Стопанската комора на Македонија вчера поднесе иницијатива пред Уставниот суд за Законите за трговија и за работни односи, а со кои се уредува работењето во ден недела. Од Комората го најавија ваквиот потег уште пред да стапи во сила законот. Ги оспоруваат одредбите кои се однесуваат на работното време, инспекцискиот надзор и прекршочните санкции. Сметаат дека ваквото законско решение е спротивно на слободата на пазарот, владеењето на правото и начелото за еднаквост.