Македонија
10. јуни 2020 - 16:48

Ќе останат ли охридските плажи без концесионери?

Охрид ова лето ќе остане без уредени плажи откако Владата побара да се вратат во првобитна состојба. Газдите на плажите на кои им се истечени концесиите ќе треба да ги отстранат масите, лежалките , објектите и дивите палтформи  и да ги вратат онака како што ги затекнале бидејќи договорот за закуп им е истечен.

(„На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, со која се задолжува закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат“), се вели во соопштението на Владата.

Концесионерите на плажите  се револтирани од ваквата одлука тие велат дека од запуштени направиле монденски капалишта и дека барале договорите да им се продолжат.Додека пак граѓаните со поделени мислења околу тоа дали плажите треба да се  вратат во првобитна состојба.

Градоначалникот на Охрид Георгиески на својот фејсбук профил ја поздрави владината одлука за управување со плажите.

-Со ова очекувам конечно да се стави ред во искористувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро за туристички цели, кое се провлекуваше како проблем, години наназад.

Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност. Оваа уредба значително ќе придонесе и во насока на исполнување на препораките од УНЕСКО, во делот на стопанисувањето со крајбрежјето напиша Георгиески.

Инаку на сите плажи долж охридското езеро години наназад им се истечени договорите.