Македонија
10. August 2023 - 16:39

Ќе никнат ли достојни споменици на загинатите македонски бранители?

22 години од заседата кај Љуботенски Бачила во која беа убиени осум македонски бранители од резервниот состав на Армијата откако воен камион на АРМ полн со муниција нагазил на две противтенковски мини. 

Министерката за одбрана заедно со владина делегација положи свежо цвеќе на спомен плочата на убиените бранители во касарната Илинден во Скопје. 

Во моментов, сите осум убиени бранители имаат спомен плоча во скопското село Љубанци, но општина Бутел и се понуди на Владата да отстапи локација за изградба на достоен споменик на бранителите кои ги загубија животите кај Љуботенски Бачила. 

- Општина Бутел и јас како градоначалник сме спремни веднаш да изнајдеме локација и простор, секако согласно Закон, согласно целосна документација за спомен-обележја за овие осум бранители кои на денешен ден го изгубија својот живот да имаат конечно едно достојно спомен обележје изградено од државата за којашто тие се бореа и го дадоа животот, вели градоначалникот Дарко Костовски.

Според информации на Сител, се размислува тоа да биде на кружниот тек на влезот во Бутел.

Во меѓувреме, општина Желино денеска го добила писмото од Министерството за одбрана со барање за поставување споменик за десетмината убиени бранители кај Карпалак. Но, градоначалникот Блерим Сејдиу вели дека писмото е на погрешна адреса бидејќи општината не била надлежна за да одлучува за такво нешто.

- Јас како градоначалник ако сакам да градам на самиот автопат некој споменик не ќе можам. Морам да се обратам до ЈП за државни патишта. Значи, Законот го вели тоа. Плус тоа, таму нема урбанистички проект. Законот вели така. Треба да урбанизира прво, да се види дали има услови, итн., итн. Но во самиот автопат, каде што е предвидено тоа директно е надлежен ЈП за државни патишта, вели градоначалникот Блерим Сејдиу.

Масакрот кај Љуботенски Бачила беше причина АРМ и МВР да направат воена интервенција во селото Љуботен за што во судот во Хаг се најдоа Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски. Случајот се уште не е расветлен и никој од тогашната ОНА не одговараше за поставувањето на мините поради кои животот го загубија осум бранители на возраст од 27 до 39 години.