Македонија
18. July 2021 - 19:40

Ќе има ли рестрикции за свадбените прослави? Комисијата утре ќе ја анализира епидемиолошката слика

Ќе има ли рестрикции за свадбари и на граници? Утре Комисијата за заразни болести ќе ја анализира епидемиолошката состојба во земјата и регионот. Кај нас бројките на новодијагностицирани растат и најголем број од активните случаи се гости на свадба. Според информации на Сител не е исклучена можноста да биде препорачана забрана за свадбени веселби во затворен простор за да го намалат ширењето на вирусот. Дел од членовите на Комисијата велат дека тоа ќе биде оправдана мерка по кластерот во Тетово каде од веселба во Џепшиште има околу 20-тина заразени и синоќешната интервенција на полицијата во тетовскиот регион за непочитување на протоколите во ресторан во кој младоженците повикале 200 лица. 

А од утре со Фајзер почнува и имунизацијата на децата над 12 годишна возраст. Од 1798 пријавени половината се од Скопје. Интерес има во речиси сите градови, а според надлежните тимовите во пунктовите веќе имаат пракса со постоечките вакцини. 

-Тимовите во пунктовите се обучени знаат како доколку има потреба може да биде побаран и педијатар. Во пунктовите во Букурешт, Јане Сандански и Чаир имунизацијата ќе почне утре од 8 часот, изјави Виктор Исјановски директор на Здравствен дом Скопје. 

И покрај утврдената возрасна граница, според информации на Сител од здравствените домови, родител од педијатарот побарал вакцинација на тримесечното бебе по што бил одбиен од лекарот. 

Освен вакцинацијата на децата, скопските тимови од среда ќе боцкаат и во затворот во Шуто Оризари каде како што дознаваме повеќе од 300 притвореници побарале да бидат заштитени од вирусот.

- Зборевме со директорот на затворот во Шутка интерес има, го чекаме списокот за наши тимови да отидат таму. Секако ако побара и директорот на затворот во Идризово ќе одговориме на потребите, вели Исјановски. 

Досега во земјата целосно заштитени со две дози на вакцини се 272.000 граѓани.