Македонија
27. October 2019 - 21:24

Ќе има ли промена на изборниот модел - желби има, шансите минимални

Граѓаните бараат промена на изборниот модел, покажува последната анкета која по нарачка на Детектор ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје. Според неа, 48,4% од граѓаните сметаат дека постојниот изборен модел треба да се смени во модел со една изборна единица. 19,6% сакаат да остане истиот модел а 32% немаат одговор.

Нас половина од анкетираните сметаат дека дијаспората треба да гласа на избори, една третина е против а нешто под 15% немаат одговор.

Над 68% од граѓаните се подготвени да се регистрираат за гласање пред секои избори за да се подобри избирачкиот список, додека само нешто под 15% се против.

Над половина од граѓаните сметаат дека треба да се намали бројот на пратеници во Собранието. Близу 8% бараат повеќе пратеници додека 25% се на ставот дека 120 пратеници се идеална бројка.
Сепак, голем дел од граѓаните не се задоволни од работата на нивните претставници во македонскиот законодавен дом. Вкупно над 63% изразуваат незадоволство додека само една четвртина од анкетираните сметаат дека народните избраници добро си ја вршат работата.

Над 77% анкетирани сметаат дека пратениците имаат премногу привилегии, а две третини од граѓаните велат дека не можат да стапат во контакт со нив.
Само нешто под 20% од анкетираните на пратениците гледаат како на претставници на народот додека 66% сметаат дека тие се само уште еден глас повеќе за нивната партија.

Сепак, мнозинството граѓани не сакаат пратениците да гласаат во собранието спротивно од одлуката на нивната партија. Над 60% од нив им препорачуваат на пратениците да си поднесат оставка од функцијата ако не се согласуваат со политиките на својата партија. 12,4% од граѓаните сметаат дека тие треба да сменат партија а 10% дека треба да останат во истата средина.
Во споредба со праламентите на државите во Европа, скоро 61% од анкетираните сметаат дека македонскиот работи полошо, 18,8% не гледаат некоја разлика додека само 2,1% се на став дека македонскиот парламент функционира подобро.

Седниците на македонскиот законодавен дом не се интересни за граѓаните.  Една третина од нив никогаш не го следи нивниот пренос на телевизија, додека само 12,5% често се пред телевизорот. Уште помалку заинтересирани за собраинските преноси се младите и студентите. Близу 58% од младите и над три четвртини од студентите никогаш не ги гледаат телевизиските преноси од собраниската сала.
Истражувањето на јавното мислење по нарачка на детектор телефонски го спроведе Инстиутот за политички истражувања Скопје во периодот од 4 до 7 октомври врз репрезентативен примерок од 1106 испитаници.