Македонија
30. јуни 2026 - 16:35

Ќе има ли поевтина храна: Владата на разговори и со производителите и добавувачите

Нова рунда разговори за цените на основните производи. По минатонеделната средба со претставници на маркетите, министерот за економија најави дека деновиве ќе се одржи состанок со добавувачите и производителите.

Целта е да се заузда поскапувањето преку усогласување на сите алки во синџирот на снабдување.

„Владата нема пасивно да ги набљудува случувањата на пазарот. Доколку околностите повторно наложат интервенција за заштита на животниот стандард на граѓаните, ќе ги искористиме сите законски механизми што ни стојат на располагање“, порача Дурмиши.

Контролите на Пазарна се во тек. Дурмиши вели дека извештајот нема да биде готов наскоро, бидејќи се проверуваат илјадници фактури, па очекува резултатите да бидат познати за околу еден месец.

Се прави споредба на набавните и продажните цени на 600 основни прехранбени производи во 74 групи. Се гледаат сумите од мај годинава со истиот месец лани.

На тој начин, Дурмиши вели дека ќе се открие каде точно доаѓа до поскапување и дали некаде има неоправдано високи маржи.

„Ќе направиме детална анализа, ќе гледаме каде треба да ургираме или со кого треба да се сретнеме ако има поголема маржа од 10 или 15 проценти“, изјави министерот.

Дурмиши вели дека досегашните контроли покажале оти нема зголемување на бруто-профитните маржи.

Маркетите и премиерот се договорија во јули годишната инфлација да не надмине 3 проценти.

Државна статистика измери раст на трошоците во мај од 4,8%.