Македонија
3. October 2020 - 16:37

Ќе има ли нови рестриктивни мерки? - Одлуката се крои викендов

Анализата на епидемиолошката состојба ќе покаже дали Комисијата за заразни болести во понеделник ќе даде препорака до Владата за одредени рестрикции.  Епидемиолози преку анкетните прашалници на случаите со Ковид 19 утврдуваат  дали има кластери и колку свадбите, веселбите, журките и крштевките се причина за над 200 случаи во едно деноноќие.  Здравствените власти демантираат дека засега е донесена некаква одлука, но доколку резултатите од анализите се неповолни тогаш според информации на Сител наредната недела Комисијата најверојатно ќе препорача  угостителските објекти да работат до 22 часот, да има преполовување на бројот на патници во јавниот превоз и во одредени установи работниот процес да биде организиран со работење во групи. Во Скопје каде последните денови има и најмногу новозаразени,  од Центарот за јавно здравје велат дека  освен една фамилија со 5 лица кои имаат Ковид 19, останатите се поединечни регистрирани случаи во речиси сите општини а доминираат во Аеродром и Центар. Ригорозни мерки засега нема да има а тоа го потврди и министерот Филипче по синоќешната посета во Кочани.

-Карантин нема да има бидејќи тоа е контрапродуктивно и се покажа дека кога и да имавме вакви мерки по нивното укинување доаѓа до зголемување на бројот на случаи, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Од министерството за здравство денеска побараа разбирање и почитување на мерките и од учениците поради сериозната епидемиолошка состојба. За здравствените власти најавите за бојкот на он лајн наставата и непочитување на протоколите е недозволиво и го отежнуваат процесот за справување со корона кризата.

Доследното почитување на мерките и протоколите во сите сфери, вклучително и образованието, може да придонесе состојбата со епидемијата што поскоро да се стабилизира. Стабилна епидемиолошка состојба ќе овозможи да се зголеми бројката на деца кои би ја следеле наставата со физичко присуство, апелираат од здравство.

Пред налетот на есенскиот бран, надлежните бараат максимално почитување на мерките од страна на граѓаните бидејќи може да дојде до наплив на пациенти кои ќе имаат потреба од болнички третман и со тоа да бидат преполнети капациентите на здравствените установи.