Македонија
26. December 2022 - 10:21

Китански: Притисоците од централната власт се големи, наместо помош се соочуваме со опструкции и блокади

Регионалните средби со градоначалниците е одлична можност да се разменат искуства и идеи со актуелните и поранешните градоначалници, и истата е од голема корист за новите градоначалници кои за првпат ја извршуваат оваа функција.

Ова е една од поентите од обраќањето на Александар Китански, градоначалник на Општина Пехчево на средба на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ коалицијата која што се одржа во Кочани.

Градоначалник на Општина Пехчево се осврна на многубројните опструкции и блокади кои ги добиваат од страна на централната власт и СДСМ, која нема слух за барањата и потребите на жителите од оваа општина. Како еден од последните примери за овој однос, градоначалникот Китански ја наведе последната иницијатива на општината за одобрување на средства од централниот буџет за 2023 година, која во Собранието на Република Македонија ја презентираше пратеникот Ковачки, а се однесува на реконструкција на патот Чифлик – Умлена – Робово за што би биле потребни 620.000 евра. Станува збор за пат кој е во лоша состојба и за жал, по којзнае кој пат, СДСМ повторно си го покажаа своето лице и не ги послушаа желбите и потребите на народот, а во меѓувреме се даваат неверојатни суми за помалку важни проекти исклучиво во општините каде градоначалниците се од редовите на СДСМ и ДУИ.

Градоначалникот Китански направи краток осврт за големиот број на реализирани проекти во општината и покрај скромниот буџет.

- Општина Пехчево во изминатава година и покрај големите опструкции од институциите под централната власт успеавме да реализираме поголем број на проекти, од кои дел беа наследени а дел беа започнати од наша страна. Минатава година реконструиравме неколку улици во село Црник, изградивме повеќе приодни патишта до земјоделски површини во повеќе места, а извршивме и расчистување на коритото на Пехчевска река кое повеќе години не беше исчистено. Покрај патиштата и улиците, минатава година реконструиравме и изградивме повеќе пешачки патеки – кажа градоначалникот Китански.

Китански најави многу активности и проекти и за наредната 2023 година.

- Еден од најважните проекти е реконструкцијата на улица „Илинденска“ со изградба на атмосферска канализација, каде парите се обезбедени и договорот е потпишан со Министерството за транспорт и врски. Обезбедени се средства и за изградба на спортски центар на излетничкото место „Рамна река“ во износ од 12 милиони денари, а очекувам градежните работи да започнат напролет – додаде Китански.

Регионалната средба беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ