Македонија
5. September 2019 - 16:47

Кирацовски: Катица, Камчев, Кичеец ниту ги знам, ниту сакам да ги запознаам

По два часа распит во обвинителството за организиран криминал и корупција Александар Кирацовски изјави дека не знаел оти Боки 13-ка врши рекет. Тој рече дека знаел за проектот на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски за старски домови, но не посредувал кај градоначалници.

-Не сум ниту член на Меѓународниот сојуз, ниту сум побарал ниту било побарано да станам член, ниту сум обавувал некоја функција, рече пратеникот Александар Кирацовски.

Кирацовски се надева дека со неговиот исказ ќе помогне во истрагата за “Рекет“да заземе правилен тек. Во обвинителството бил испрашуван само за еден сегмент од случајот. Рече дека Јанева, Камчев и Кичеец ниту ги познавал ниту сакал да ги запознае. За заедничките фотографии со првоосомничениот во “Рекет”  рече дека биле на иницијатива на Боки 13-ка.

-Мислам дека помогнав на некој начин истрагата да заземе правилен тек, јас морам да признаам иако сега не знам дали смеам сите тие детали да ги кажам, бев повикан само за еден мал сегмент. Ова со Катица, Камчев, Кичеец нема никаква врска со мене. Тоа не се дискутираше денеска, ниту ги знам ниту ги познавам, ниту сакам да ги запознаам.

Пратеникот не се препознава по прекарот Кики за кој пишуваше новинарот Бранко Геровски.

-Не се препознавам под тој псевдоним. Имав средба со Геровски и сакав да проверам дали ме препознава мене или некој друг. Геровски ми призна дека во однос на мене направил фаул, рече Кирацовски.

Геровски преку Фејсбук ја потврди средбата со Кирацовски

- На таа средба Кирацовски ми призна дека посредувал во организирањето на состанокот помеѓу осомничениот Бојан Јованоски, бизнисменот Силјан Мицевски и битолската градоначалничка Наташа Петровска. Како што е познато, на таа средба, како и со два дописа до неа, е вршен притисок Петровска да одобри пренамена на парцела на Мицевски за изградба на хотел (демек, старски дом), без измена на Деталниот урбанистички план пишува новинарот Геровски.

Тој  вели дека доколку Кирацовски не и кажал се на обвинителката тогаш е подготвен да ги објави  како што истакна и другите интересни работи за кои зборувале на средбата.

Тој е вториот политичар кој беше испашуван од обвинителката Вилма Русковска која го води предметот “Рекет”. Вчера 3 часа во зградата се задржа и неговата колешка од СДСМ Фросина Ременски. Неделава во обвинителството беа повикани и бизнисмените кои префрлиле речиси 1 милион евра на Mеѓународниот сојуз на Боки 13-ка за старски домови кои не биле изградени.