Бизнис
27. April 2016 - 19:55

Кинезите ќе пробуваат македонски производи

Кинезите ќе ги дегустираат македонските производи . Следниот месец од 9 ти до 12 ти ќе се одржи саем за инвестиции и трговија во Нингбо. Од ССК информираат дека заинтересираните фирми од земјава што сакаат да ги промовираат своите производи  можат да се пријават најдоцна до 10ти мај. Транспортните трошоци на компаниите ќе им бидат покриени,ќе имаат бесплатни штандови како и целосна логистичка поддршка.

- Се надеваме дека со македонските производи ќе заземеме барем дел од кинескиот пазар, што ќе значи многу за македонскиот  бизнис сектор. Затоа настапуваме сегментно и плански со одредени сектори  кои сметаме дека имаат капацитет. Сакаме конструктивно и професионално да оствариме резултати, не на краток рок, туку долгорочно, како што планираме овој „шоу рум“ да биде активен во тек на цела година, рече Зарков.

Зарков посочи дека компаниите од земјава имаат можности да извезуваат во прехранбената и фармацевтската индустрија, ИТ секторот, како и алкохолни и безалкохолни пијалоци и високотехнолошки производи.

Во рамки на самот ќе биде отворен и првиот македонски дегустациски изложбен простор, кој ќе функционира цела година и ќе послужи за продажба на производите по завршување на манифестацијата. Веќе се испратени производи од 8 компании, а се очекува да бидат промовирани над 25 фирми. ОД ССК посочуваат дека ќе биде успех доколку барем 5 од нив обезбедат пласман на кинескиот пазар.

Досега од земјава во Кина најмногу се извезува фероникел, мермер и вино, а се увезуваат телефони, компјутери, телевизори, и друга техника како и текстилни производи.

Кина е меѓу првите десет трговски партнери на земјава според обемот на трговска размена. Според статистика лани извозот од Македонија во Кина изнесувал 129 милиони евра. Увозот од Кина во земјава бил 352 милиони евра.