Кикиљас ќе препорача целосен и строг карантин во Атина, Мицотакис свика вонреден состанок

Мојата препорака до комисијата ќе биде една куса, строга хоризонтална мерка, односно локдаун, веројатно како минатиот март, рече министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, говорејќи утрово за телевизијата „Open“, задржувајќи се посебно на областа Атика, додека, пак, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис свика вонреден состанок за да се оцени епидемиолошката ситуација во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Кикиљас во интервјуто рече дека загрижуваат анализите што ги добива од надлежната комисија и од епидемиолозите и „покажуваат дека и во Грција доаѓа третиот бран“.
Паралелно презентираше податоци за областа Атика, поширокиот регион на Атина што има околу четири милиони жители, објаснувајќи дека исполнет е 71 отсто од капацитетот на Одделите за интензивна нега, наспроти 62 проценти мината седмица.
Рече дека во саботата 231 лице било приклучено на апарати, ден подоцна 245, а вчера 260, односно 15 лица повеќе секој следен ден, од кои десет се токму во Атика, „што значи дека дневно се исполнува една единица на Интензивна нега“.
Другиот податок што го коментираше грчкиот министер за здравство е зголемувањето за 11 отсто на позитивните случаи кај децата до девет години.
Во периодот од 24 до 30 јануари од 6.676 потврдени случаи, 435 биле на возраст од нула до девет години.
-Сликата што ја има и што ја имаат епидемиолозите, врз основа на овие податоци води до заклучокот дека, доколку и денеска податоците од Националната организација за јавно здравје се вакви, мојата препорака до Комисијата ќе биде куса, построга, хоризонтална мерка. Односно локдаун, веројатно како што беше минатиот март, што ќе може да донесе брзи резултати и брзо да ја деескалира и да ја „прибере“ ситуацијата, рече Кикиљас, објаснувајќи дека сепак Комисијата на епидемиолози е таа која дава препораки до Владата.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за 13.30 часот по локално време закажа состанок со министерот за здравство, заменик-министерот за цивилна заштита, професорот епидемиолог, кој е шеф на надлежната комисија и претседателот на Националната организација за јавно здравје за да се оцени епидемиолошката ситуација во земјата.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, а на средината на јануари започна постепено олабавување на мерките, но 20-ина дена подоцна одново се воведоа рестрикции во црвените зони, во кои се и Атина и Солун, каде што за време на викендите полицискиот час наместо од 21 е од 18 часот.
Ново на Сител
-

54-годишник барал 20.000 евра од жена, заканувајќи се со објавување на компромитирачки снимки
-

Средба на Сиљановска-Давкова во Анталија со претседателот на ТИКА, Ерен
-

ЦУ: Запленети скапи „Ејпл“ часовници заменети со евтини копии, оригиналите пронајдени при претрес на скопска мобилара, кривична пријава против осум лица
-

МЗ: Новото законско решение за медицински средства носи европски стандарди и поефикасни постапки
-

Муцунски од Анталија: Регионалната поврзаност е предуслов за развој и стабилност
-

Конвој танкери е забележан како го напушта Персискиот Залив и минува низ Ормуската Теснина
-

САД го продолжуваат рокот за привремен исклучок од забраната за купување руска нафта
-

Украински дронови погодија складиште за нафта во Крим, предизвикувајќи пожар
