Македонија
2. October 2015 - 16:41

Кери побара од Ципрас нов предлог за името во ноември!?

САД имаат разбирање за грчкиот долг, и новата влада на Премиерот Ципрас има целосна поддршка во напорите за решавање на должничката криза, но за државниот секретар Џон Кери прашањето за името и кипарскиот проблем се високо во агендата на односите меѓу двете земји, тврди грчката телевизија Стар.

По средбата на Кери со Ципрас, Стар, повикувајќи се на грчки владини извори, тврди дека на маса било ставено и американското барање за нов поредлог за името.

,,Посебно на прашањето за Скопје, според владини извори, г-динот Кери и предложи на грчката страна да достави нов предлог во ноември и побара да се направат напори за изнаоѓање решение, додека генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун вети дека ќе притисне да се реши прашањето за името‘‘, пишува Стар, повикувајќи се на владини извори.

Интересно е што синоќа пред заминувањето од Њујорк, Ципрас одржа кафе средба и брифинг со грчките дописници од САД, при што разговарале за резултатите од посетата, што и дава дополнителна тежина на претходно објавената информација.

Според телевизијата, неименуваниот извор потегот на Кери го оценува како притисок, не само врз Грција туку и врз Македонија, бидејќи без решавање на името Македонија нема иднина ниту во НАТО, ниту во ЕУ, пишува Стар.