Македонија
22. March 2021 - 17:41

Казни од 300 евра за граѓаните кои ќе одбијат да се попишат

Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика (ДЗС)  денеска на прес-конференција соопшти дека во последното деноноќие се попишани повеќе од 20 илјади граѓани, државјани на Македонија кои живеат и престојуваат во странство, со што вкупната бројка на оние кои се самопопишале до утринава во 9 часот е 121.580 лица. Таа заедно со владиниот портпарол, Душко Арсовски соопшти дека одложување на пописот нема и ќе почне на 1 април, а за граѓаните кои ќе одбијат да се попишат ќе има казни од 300 евра.

Таа појасни дека ова нагло зголемување се должи на викендот и смета дека кампањата што се води во странство ги дава резултатите, апелирајќи до граѓаните да се самопопишуваат.

– Тоа е многу едноствна процедура, лесно достапна и брзо се завршува. Податоците што се даваат се безбедни и максимално заштитени и ќе се користат исклучиво како податоци само за статистички цели, нагласи Ѓоргиева.

Таа порача дека главниот попис во земјава ќе почне на 1 април, а викендов заврши последниот дополнителен конкурс за попишувачи, на кој се пријавиле над 2.600 лица или околу 800 повеќе од она што требало во одредени пописни реони и нагласи дека се задоволни од одзивот. Ѓоргиева информира дека вчера биле направени списоците, а денеска во сите пописни реони каде се барале попишувачи има тестирање на кандидатите, а се очекува во следните денови да ги имаат резултатите и да почнат да се изготвуваат решенијата за ангажирање на попишувачите. Во следните денови продолжува и дистрибуцаијата на материјалите потребни за работа на комисиите на пописните реони, а почнуваат и обуките на реонските инструктори кои потоа ќе бидат оспособени да ги обучуваат реонските попишувачи.

– Засега сѐ се одвива според планот и роковите кои досега беа предвидени и нема никакви одложување на сите постапки и процедури, нагласи Ѓоргиева.

На заедничката прес-конференција портпаролот на Владата дополни дека пописот е од витално значење за државата за понатаму да може да се прават стратегии за развој.

– Правиме се што е потребно за заштита на населението. Имаме прецизни протоколи, скроени за безбедно спроведување. Подготвени сме за секој детал, за секоја ситуација и сите постапки течат непречено. Протоколот го изработи Комисијата за заразни болести. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој. Овие протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси, нагласи Арсовски.

Тој информира дека се ангажирани голем број координатори и попишувачи, кои ги следат протоколите за да нема потреба од никакви одложувања.

Арсовски посочи дека учеството во пописот е задолжително, кривично се одговара само за поттикнување на бојкот на статистичката операција, а против тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, за што казните се до 300 евра.