Балкан
13. February 2018 - 11:17

„Катимерини“: Атина и Тирана се блиску до договор

Албанија и Грција се надеваат дека до пролет ќе ги затоплат односите, кои според „Катимерини“ сега се во услови на сибирски темпаратури.

Грчкиот весник наведува дека Атина и Тирана се надеваат дека ќе постигнат договор за прашањата за кои се водат „тајни преговори“ на ниво на министри за надворешни работи, а тој би бил потпишан за време на најавената посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Албанија.

„Катимерини“ тврди дека Албанија е многу заинтересирана за успешно завршување на преговорите, со оглед на тоа дека во април Европската комисија треба да го достави Извештајот за напредокот на земјата. Од друга страна Грција - како земја-членка има средства да застане на евроинтегративниот пат на Тирана, кога се очекува Еврокомисијата да определи датум за отпочнување преговори за членство.

- Атина сака да затвори еден од големите и важни фронтови за неа, што е, исто така, поврзан со Истокот. И ова се случува во време кога другиот фронт, оној со Скопје, укажува на тоа дека ќе се движи низ тешки преговори со неизвесен крај, наведува „Катимерини“.

По средбите на министрите за надворешни работи на Грција и Албанија Никос Коѕијас и Дитмир Бушати, прво на Крит, а потоа и во Корча, е договорено деблокирање на договорот од 2009 година за ексхумација на останките на грчките војници загинати на албанските планини за време на грчко-италијанската војна. 

Весникот, повикувајќи се на свои извори, тврди дека на дневниот ред на Атина се пред се прашањето околу морските зони, а потоа и барање за промена на учебниците во смисла на отстранување иредентистички текстови. Тука се мисли да текстови за грчкото етничко малцинство во Албанија, со акцент на нивниот имот.

Албанците, пак, според изјавата на премиерот Еди Рама, имаат барања поврзани со законот за воена состојба меѓу двете земји,  потоа прашањето за Чамите (етнички Албанци кои се населени во западна Грција) и договор за разграничување на поморските зони.