Македонија
19. August 2019 - 16:51

Катица Јанева не се откажува од Фетаи и Бубевски, Кичеец повторно на распит

Законот за СЈО не дозволува изземање на специјалната јавна обвинителка, ваков одговор испрати до судот Катица Јанева откако на денешното судење за Титаник 3 одбраната побара нејзино изземање.

Сепак судијката која го води предметот најави дека ќе побара дополнително толкување од институциите за тоа кој има надлежност да одлучува по барање за иззмање на специјалната обвинителка.

Адвокатот Еленко Миланов смета дека неговиот предлог треба да се најде пред пратениците или советот на јавни обвинители.

Адвокатот Миланов, изземање побара и за обвинителите Фетаи и Бубевски поради како што рече недоразбирањата со Јанева. Но и ова таа го одби како неосновано.

Токму меѓусебните напади по наредбата за претрес при влез во зградата на СЈО, одби да ги коментира обвинителката Фатиме Фетаи..

Денеска за прв пат во обвинителството на распит беше повикан еден од осомничените во Рекет.. Зоран Милевски – Кичеец два и пол часа одговарал на прашања од обвинителката Русковска.

Пред него сведочела и пензионерката Лилјана Тодоровски која откри дека жена од Меѓународниот сојуз чиј основач е Боки 13 ја зела сумата од над 700 илјади евра кои таа ги добила за проектот европски центри за возрасни лица.

Инаку за случајот Рекет, утре свој исказ во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе има и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Пред неа, во својство на сведоци беа повикани обвинителите Јосифовска, Стефанова и Рустеми.