Македонија
19. November 2019 - 22:04

Катица Јанева ја напушти „Шутка“ и замина во куќен притвор

Со сокриено лице и марама на рацете поранешната шефица на Специјалното  јавно обвинителство беше спроведена во ќуќен притвор. 

Околу 17.30 минути со полициско комбе од истражниот затвор во Шутка Јанева ја донесоа во станот на нејзиниот син во центарот на Скопје каде ќе го чека судењето за случајот “Рекет“ закажано за 3 декември. Додека се движеше кон зградата екс специјалната обвинителка не одговараше на новинарските прашања.

Снимката предизвика дилема во јавноста дали навистина станува збор за Катица Јанева зошто беше маскирана од глава до пети.

Таа е трето осомничена во “Рекет” и помина речиси 3 месеци во истражниот затвор Скопје. Обвинителството ја товари за злоупотреба на службената положба и против правно стекнување на имотна корист во мебел и пари.

Откако кривичниот суд ја одби гаранцијата од 3 станови поранешната специјална обвинителка да биде пуштена во домашен притвор, Апелациониот суд попладнево донесе одлука Kатица Јанева без гаранција да го напушти истражниот затвор и експресно беше спроведена во станот на нејзиниот син.

Второстепениот суд и ја одзел патната исправа , а државата не смее да ја напушта ниту со лична карта. Јанева има забрана да комуницира со луѓето инволвирани во случајот “Рекет“. При носењето на ваквата одлука судот ја ценел и здравствената состојба и дека веќе има обвинение.

Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција  Вилма Русковска вечерва во изјава за Сител рече дека одлуката на Апелација не е исправна и е симптоматична.

Најави дека ќе покренат финансиска истрага за тројцата судии од второстепениот суд кои ја прифатија жалбата на Катица Јанева и ја заменијаа мерката притвор со куќен притвор.