Бизнис
9. December 2015 - 20:22

Катастар: Имотен лист ќе се издава за една минута

За само една минута Катастарот ќе издава имотен лист за граѓаните и фирмите. Со надградбата на  електронскиот систем со нови хардверски решенија уште повеќе ќе се забрза издавањето на документите и ќе се скрати времето за решавање на предметите, информираат од институцијата.

- Роковите за решавање  на предметите се исти, но ако досега вработениот или професионалниот корисник по одбирање на кој било предмет очекувал да се подигне за минута или половина минута затоа што се работи за фајлови  кои се скенирани и имаат определена тежина, сега тоа се прави за неколку секунди и поради тоа се зголемува брзината за решавање, рече Трпески.

Годинава Катастарот се надгради и со Регистарот на цени и закупнини. Досега во истиот се регистрирани околу 14 000 трансакции. Новата воведена технологија се очекува да го забрза воведувањето и на другите планирани регистри.

- Предвиден е простор за регистарот за градежно земјиште кој  очекуваме да биде целосно импелентиран до март следната година, системот за масовна проценка  кој очекуваме да биде завршен до крајот на 2017 година, адресниот регистар кој треба да биде реализиран првиот квартал на 2018 година, потоа 3 Д катастарот и сите други системи кои се планира да се воспостават во наредниот период. Со оваа надградба катастарот доби хардвер кој е последен збор на технологијата, брз, безбеден и пред се економичен, рече Трпески.

Со електронскиот катастар досега се обработени над 5мил предмети и се впишани над 4,1 милион парцели.