Македонија
17. March 2024 - 16:32

Карневал за Прочка во Прилеп, гости од повеќе места

По 22 пат во центарот на Прилеп се одржа Карневалот Прочка на кој учество зедоа над 500 учесници, поделени во 20-тина групни и поединечни маски. Здружението „Прочкари“ од Прилеп учествува на овој Карневал од самиот почеток и секогаш се претставуваат со маска која на хумористичен начин опишува некој наш обичај од минатото.

„Ткаењето со разбој постоело уште многу одамна, од нашите баби и прабаби. Значењето е традицијата, да си ја зачуваме нашата традиција и култура“, рече Горан Ржаникоски, здружение „Прочкари“.

Гости имаше од повеќе краеви на Македонија. Маските беа поделени на традиционални, од кои некои стари и со векови.

„Различни момчиња од 10 па до 60 години, во страшни маски од кожи кои ја преставуваат таа традиција. Од сабајле до вечер се црнат сите млади момчиња и девојчиња што спаѓаат во селото, тоа ни е традицијата“, рекоа од групата Ратерски Бамбурци.

„Шетаме од сабајле од 6 кај сите касапски куќи и сега ја чекаме другата група што треба да настапиме во 12 на карневалот. Моментално оваа година сме околу 50 маски преправени, има интерес годинава, има и многу млади деца, околу 10 до 15 деца“, истакна еден член на „Прилепски Мечкари“.

Но исто така имаше и модерни маски направени од најмладите.

„Ова беше заедничка идеја со цел да го преставиме невозможното возможно и дека среќата е едноставна, сите треба да бидеме среќни без разлика што ќе ни донесе животот“, истакна член на групата „Аватари“ од Пробиштип.

„Ние сме „Добре Јованоски“ и ќе ја преставиме маската Мајкл Џексон, има многу движења и Мајкл Џексон е многу познат музичар. Работиме 2 недели и повеќе. Ќе има еден ќе го глуми Мајкл Џексон. Повеќе ги имаме елементите од Мајкл Џексон“, рекоа учениците од ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп.

Во духот на денешниот ден, беше побарано да си простиме едни на други, што е и суштината на празникот, но и беше ветено дека Карневалот повторно од наредната година ќе стане меѓународен со гости од странство.

„Во иднина ќе биде пак меѓународен карневал, со присуство на голем број странски маски, бидејќи така е договорено и така и ќе биде“, изјави Ванчо Ѓорѓиев, претседател на здружение „Прилепски Мечкари“.

„Ние со простувањето едноставно се доведуваме до ситуација да ни биде душата во мир и расположение. Со ова докажуваме дека имаме навистина големо духовно наследство, ги почитуваме повозрасните“, порача градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

Инаку викендов сите угостителски објекти во Прилеп имаат продолжено работно време со своја програма со забави како преку денот, така и во вечерните часови со жива музика. Посетители на овие забави има од сите градови на Македонија.