Македонија
11. March 2021 - 20:40

Каракачанов: Македонските политичари одамна се за мајтап

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во изјава за Сител вели дека Македонските политичари одамна станале за мајтап, откако тој денеска објави листа на имиња слични на македонски истакнати политичари кои имаат двојно државјанство, односно кои поседуваат и бугарски пасош.

Појаснува дека според тамошните закони списоците со имиња на гласачи ги објавуваат самите општини на 40 дена пред одржувањето на изборите.

-Јас си поиграв малку и почнав да ги прегледувам списоците на лицата кои можат да гласаат во Ќустендил, Благоевград, во Софија каде има најмногу регистрирани Македонци со бугарско државјанство. И излегоа тие интересни имиња. Јас како што можете да видите во моето соопштение не сум кажал дека тоа се пратеници или бивши министри на ДПМНЕ. Тие сами се препознаа, но списоците се јавни и информацијата е јавна и вие како македонски новинар исто така можете да влезете на сајтот на општина Ќустендил, Софија, Благоевград и секоја друга општина во Губарија и да ги прегледате списоците на избирачите, вели Каракачанов.

Според него, во тие списоци може да се најдат и други интересни имиња. Вели дека нема основа за тужба од страна на македонските политичари бидејќи објавил официјални податоци од Бугарија.

-Јас никаде во моето соопштение не сум пишал дека тоа се пратеници, бивши министри или политичари на какво било ниво. За еден од нив кој не е пратеник и кој е најзлогласен, како што се вели, имам 1.000% информација, дури и неговата адреса и матичниот број му ги имам. Но, тоа е друга тема, вели Каракачанов за Сител, додавајќи дека името го има во тој список, појаснувајќи дека такво презиме не постои во Бугарија.