Македонија
2. јуни 2016 - 15:26

Кампања за подигање на свеста кај населението за мигрантите

Миграцијата е феномен што може да влијае на секоја држава, а мигрантите сочинуваат три проценти од целокупната популација во светот што значи дека еден од секои 35 лица во светот е мигрант. 

Тоа беше посочено на денешната работилница за спроведување кампања за подигање на свеста кај населението за мигрантите и активностите за одговор на хуманитарните потреби во услови на мигрантски кризи, организирана од Црвениот крст на Република Македонија.

Генералниот секретар на Црвениот крст на РМ Саит Саити рече дека изминатата година била специфична како за организацијата, така и за сите нас во државата, во која сите се соочивме со еден феномен на миграции.

- Како организација одговоривме на потребното ниво на предизвикот со мигрантите. Се очекува и претпоставува овие движења, за жал, да ги има и понатаму во регионот. Од тие причини сметаме дека сите заедно треба да се подготвиме за една таква иднина и да разбереме дека миграциите стануваат една реалност на овие простори, рече Саити.

Според Александра Валкановска од Црвенот крст, во рамки на кампањата „Стоп за рамнодушноста - да ја сочуваме хуманоста“, организацијата прва дала одговор на мигрантската криза и преку 45 обучени дисеминатори организирала 90 едукативни работилници на терен со кои директно биле опфатени 2.700 учесници. Со тоа е допрено до волонтери, поддржувачи и јавноста за подигање на свеста на населението за мигрантите кои транзитираат низ Македонија и за одговор на нивните хуманитарни потреби.

Во периодот од јуни 2015 до март 2016 година низ нашата земја, според податоците на УНХЦР, транзитирале повеќе од 800.000 лица.

Црвениот крст на Република Македонија преку своите 150 вработени, 2.860 активни волонтери и над 29.000 членови обезбедува интензивна поддршка за мигрантите кои транзитираат низ Република Македонија кон западно-европските земји.