Камиони од Струмица и Радовиш ќе транзитираат низ градските улици во Штип
Луѓе и роба од Струмица и Радовиш ќе транзитираат низ градот Штип, додека трае проширувањето на патот од штипската населба Три Чешми до мостот на река Брегалница на излезот од градот. Граѓаните и бизнис секторот поднесоа петиција до штипската локална власт против намерата за пренасочување на целиот сообраќај од југо-истокот на земјата низ градските улици. Општината од Агенцијата за државни патишта побара да се најде друга алтернатива, но не наидоа на разбирање и покрај долготрајните преговори. Првиот човек на ЈП „Државни патишта“ вели дека решението е веќе донесено, зашто приоритетна било изградбата на експресниот пат.
Ние се извинуваме на сите граѓани, бидејќи во моментов кога се гради, по некој пат треба да се движи целокупната машинерија, која е вклучена во изградбата на патот. Ние сме во секојдневна комуникација со надзорот и со нашиот инжињер и со изведувачот, што помалку да се користат патиштата во населените места. Но, за жал некаде мора да ги искористиме, изјави ЕЈУП РУСТЕМИ, ДИРЕКТОР НА ЈП „ДРЖАВНИ ПАТИШТА“
Освен што ќе се создаде сообраќаен метеж, постои опасност камионите кои ќе транзитираат да ги оштетат старите куќи долж трасата, кои се заштитени како културно наследство и се склонопадни. Доколку покрај нив минуваат камиони тешки над 10 тони има голема опасност од нивно рушење, што може да има кобни последици.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар