Каменос: Нема да гласаме за договор што ќе го содржи терминот Македонија | Сител Телевизија
Балкан
12. јуни 2018 - 13:39

Каменос: Нема да гласаме за договор што ќе го содржи терминот Македонија

Коалицискиот партнер во грчката влада, министер за одбрана на Грција и претседател на Независни Грци, Панос Каменос останува на неговиот став дека нема да поддржи договор што ќе содржи име со терминот Македонија и смета дека потребна е лидерска средба под покровителство на претседателот на државата за да се промени одлуката донесена во 1992, според која името треба да биде без терминот Македонија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Панос Каменос непроменетата позиција ја повтори на денешната прес-конференција, на која рече дека партијата има јасен, познат и цврст став, но изрази и резервираност дали договорот би поминал кај нас.

- Не се согласуваме и нема да гласаме за ниеден договор што ќе го вклучува терминот Македонија. Ова е одлука што излезе со формирањето на движењето, рече Каменос и објасни дека е во континуирана комуникација како со Ципрас, така и со Коѕијас, а од она што вчера го слушнал од шефот на грчката дипломатија, лидерот на Независни Грци рече дека од условите во договорот смета дека „во никој случај овој договор нема да биде прифатен или на референдум или од мнозинството во собранието на Скопје“. 

Во однос на условите во договорот, Каменос, без да открие детали, коментираше дека се доста силни и дека доколку не беше вклучено името Македонија, тие како партија немаше да се обврзат да гласаат против.

- Гледам услови кои се доста силни во однос на тоа што се однесува на словенското потекло, на словенскиот јазик, на расчистувањето на историјата на Македонија, на Александар Велики, на Филип итн. Такви услови што Грција ги вклучи во нејзиниот предлог, до сега немам видено, рече Каменос.

Коалицискиот партнер во грчката Влада ја објасни и процедурата што ќе следи по потпишувањето на договорот и рече дека тоа може да биде процес што ќе трае и една години, а на гласање во парламентот да дојде по изборите во Грција.

- Процесот што ќе следи и ова е официјално, тоа е владина позиција, е по веројатноста договорот да биде прифатен од Заев, јас сѐ уште сум резервиран, бидејќи ги знам условите сметам дека е договор што не може лесно да биде прифатен од претседателот на поранешната југословенска Република. Во случај да биде прифатен, овој договор, ќе се потпише, но нема да стапи во сила сѐ додека не добие мнозинство во собранието на Скопје, сѐ додека не се одржи референдум, да биде договорот одберен од народот на ПЈРМ, да дојде повторно во собранието на Скопје со двотретинско мнозинство и ако се ова се заврши, тогаш ќе дојде за ратификација во грчкиот парламент. Или ќе се следи друг процес што ќе се одлучи тогаш. Нашата позиција е дека, ако се направи сѐ ова, ќе треба да се свика лидерска средба под претседателот, за да се смени одлуката од 1992, рече Каменос.

Лидерот на Независни Грци, на денешната прес конференција која беше свикана, не поради договорот за името, туку за да го соопшти новиот портпарол на партијата,  рече дека кога договорот ќе дојде на гласање на пратениците ќе им наметне „партиска послушност“, односно да ја следат линијата на партијата.

- Во парламентот, партиите ќе заземат став и нашата позиција ќе биде негативна, а за прв пат ќе поставам прашање за партиска послушност. Тој што ќе има различна позиција ќе биде избришан и нема да биде кандидат на следните избори.  Оној што размислува да промени став, сега да си замине од партијата, рече Каменос.