Камен-Темелник за изградба на новиот објект на клиничката болница беше поставен денеска во Штип
Почна изградбата на новата клиничка болница во Штип. Ќе биде најголема капитална инвестиција во македонското здравство и според здравствените власти ќе ги помести стандардите во регионот. Новиот објект ќе биде на површина од 34 000 метри квадратни и неговата изградба ќе чини 30 милиони евра. Со опремата инвестицијата ќе изнесува 56 милиони евра. Како најголем владин проект во здравствотои ветување пред граѓаните, на денешното поставување на камен темелникот присуствуваа премиерот, министри, пратеници, лекари.
-Во оваа болница поминале бројни познати и звучни лекари. Ова ќе биде највредниот и најголемиот проект во историјата на македонското здравство ќе биде модерен здравствен комплекс, изјави Емил Димитриев, премиер за спроведување на изборите
Новата Клиничка болница во Штип ќе биде изградена по врвни светски стандарди со најмодерна и најквалитетна здравствена инфраструктура. Министерот Тодоров презентирајќи ги содржините изјави дека ќе биде на 8 нивоа со 300 болнички кревети и за прв пат во јавна здравствена установа ќе има систем на пневматска пошта кој ќе ги поврзува лабораторијата со дијагностика и оператибниот дел. Сегашниот објект датира од пред 80 години и времето го направило своето.
-Во делот на стандардите кои оваа болница ќе ги достигне, вреди да се спомене дека ќе има комплетно воспоставен BMS - Building Management Sistem кој ги контролира во целост електриката и машинството на објектот и е директно поврзан со системот за менаџирање на болничките соби - кога пациентот се прима во болницата се внесува во систем дека собата е зафатена, се активира климатизацијата во собата, при влез во собата автоматски се пали светлото, со што се придонесува кон ефикасно и одговорно користење на ресурсите, изјави Никола Тодоров министер за здравство.
-- Првата болница во источна Македонија била изградена пред Втората светска војна токму во Штип, а по 80 годиини сме среќни што токму денеска почнува еден капитален проект. Морам да истакнам дека во 2013 година и во мојата програма беше потенцирано дека Штип ќе добие клиничка болница, а токму оваа Влада ги исполнија сите тие ветувања кои беа дел од изборната програма, изјави Илчо Захариев, градоначалник на Штип
Новата болница која според проценките ќе биде готова за две години, ќе овозможи современи услови за здравствена заштита за над 200 000 жители од Штип и целиот источен регион.
Според податоците на Мој термин, лани во штипската болница биле креирани над 180 илјади упати и ттретирани 57 000 пациенти.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар