Македонија
25. јуни 2024 - 16:37

Камбовски: Распуштање на Судски не е опција

Поранешниот претседател на државата и претходниот собраниски спикер не одговориле дали членовите на Судски избрани од Собранието треба да се повикаат на одговорност за својата работа во советот.

Работната група предводена од академикот Камбовски која ги скенираше состојбите по ланскиот пуч во Судски, побарала објаснувања, но кабинетите на Пендаровски и Џафери одлучиле да молчат.

„Од таму не стигна никаков одговор. Значи, немаше никаква реакција од тоа обраќање. Тоа значеше дека Собранието и Претседателот сметаа дека тие членови што се избрани се во ред, дека постапуваат онака како што постапуваат“, изјави Владо Камбовски, претседател на Работна група за Судски совет.

Разрешувањето на претседателката иницирано од член предложен од Собранието и оставките на двајца членови од редот на судиите ги револтираше стручната фела и политичарите па побараа распуштање на Судски. Според Камбовски, спорно е со закон да се разрешува Уставно тело како советот, а како што вели, ќе значи и мешање во работата на судската власт.

„Да не се пребрзува со некои такви решенија. Се сеќавате дека на почетокот на претходната влада имаше најава дека ќе дојде до генерален реизбор на сите судии. Лесно е да ги разрешите сите, но проблемот е после каде и на кој начин ќе ги изберете оние што треба да бидат на тие места“, појаснува Камобвски. 

Со распуштање на Судски не се согласува и невладиниот сектор.

„Било какви чекори во однос на истото би претставувале еден опасен преседан за кој секогаш кога би се менувала власта, би можело да се менуваат законите и така се доведува реално и во опасност независноста и непристрасноста во судството“, вели Александра Цветановска, Здружение на млади правници. 

Во моментов се работи на нов закон за судски совет со построги критериуми за избор на негови членови. Ќе се бара поголем судиски стаж и јавни интервјуа за членовите предложени од Собранието.