Ракомет
3. November 2016 - 13:41

Камара е новиот тренер на ЖРК Вардар

Давид Дејвис Камара е новиот тренер на женскиот ракометен клуб Вардар. Шпанскиот тренер на функцијата ја наследи Индира Кастратовиќ, која до пред две недели го предводеше тимот.
 
Неколку тренерски имиња се поврзуваа со ЖРК Вардар по заминувањето на Индира Кастратовиќ, но клубот новиот предводник на ракометарките го најде „во сопствениот двор“.
 
Давид Дејвис Камара, асистентот на Раул Гонзалес во машката екипа, од понеделникот веќе работи со женската екипа, а сопственикот Сергеј Самсоненко, во четвтокот официјално на јавноста и го престави новиот тренер.
 
„Ова е најдоброто решение за нашиот клуб. Давид работи многу добро. Кога тој минатата сезона беше во стручниот штаб на женскиот клуб екипата играше добро, проблеми имавме само во полуфиналето на завршниот турнир. Сметам дека ова е најдоброто решение“, рече Самсоненко преставувајќи го новиот тренер.
 
Дејвис, на одличен македонски јазик, го имаше своето прво обраќање како тренер на ракометарките на Вардар.
 
„Му благодарам на Сергеј, на клубот, играчите кои веруваат во мојата работа. Лани работевме добро и мислам дека ќе продолжиме во тој стил, зошто мислиме дека тој стил му е потребен на тимот“, рече Дејвис, кој дополни дека колку што може и колку обврските ќе му дозволат ќе ги продолжи и обврските и во машката екипа.
 
„Ќе биде како лани, ако можам да бидам со машкиот тим ќе бидам, но сега приоритет е женската екипа“.
 
Новиот тренер на ЖРК Вардар посебно му се заблагодари на тренерот на машкиот тим Раул Гонзалес, со кого кариерата го врзува веќе 18 години.
 
„Морам да му се заблагодарам на Раул, тој од Шпанија ме донесе тука, тој разговараше со претседателот да дојдам за да му бидам помошник. Со Раул сме заедно 18 години, најпрвин како соиграчи, потоа јас бев играч, а тој помошник тренер и на крајот јас му бев помошник. Многу важна е улогата на Раул во мојата спортска кариера“, рече Дејвис.
 
Давид Дејвис Камара ќе го предводи тимот до крајот на сезоната, а како што рече сопственикот, тој самиот треба да реши дали ќе му биде потребен дополнителен асистент.
 
Новиот тренер на клупата на ЖРК Вардар ќе дебитира в сабота, кога во Скопје ќе гостува тимот на Астраханочка. Овој натпревар во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одигра од 17.30 часот.