Македонија
23. September 2022 - 21:21

Какви професионални квалификации имаат уставните судии во Европа во споредба со тие во Македонија

Ако во земјите од регионот, но и европските водечки држави изборот на уставните судии е загарантиран за истакнати доктори на науки и професори, со бројни објавени научни трудови и меѓународни признанија, во Македонија доволно е да се биде дел од правосудната служба, без ограничување во професионалните достигнувањата.

Во соседна Бугарија вкупниот број на судии кои раководат со ваква клучна институција е 12 судии. Од нив 8 се професори и доктори на науки а 4 се судии избрани од највисоките врховни судови на државата со импресивни биографии. Слична е состојбата и во Србија каде од вкупно 12 уставни судии, 7 судии се доктори на науки а 5 судии се дел од судиите од највисоките судови со објавени научни трудови.

Во Хрватска пак од 14 судии, 6 се доктори на науки а останатите се избрани од највисоките судови на Хрватска. Согласно она што е објавено на официјалниот сајт на хрватскиот суд,  сите судии имаат објавено најмалку 3 книги и повеќе стручни трудови и добитници се на многу домашни и меѓународни признанија.

Во Германија постојат два сената и вкупно 16 уставни судии, од кои според јавно објавените биографии, две третини од нив се доктори на науки и професори.

Во Македонија пак согласно Уставот еден состав треба да има вкупно 9 уставни судии. Во моментов има 5, од кои само двајца доктори на науки. Експерти и професори на социјалните мрежи критикуваат дека за две судијки најголем дострел е судија на Основен суд. Од сегашната власт за нови судии се предлага за судија лице кое е обичен правник во министерство без никакво искуство и научна работа. Останите два предлога исто така се еден судија кој мора да биде од турска националност но сепак со искуство како судија на Апелационен суд и еден Јавен обвинител кој има 68 години а мандатот му е 9 години.

Според поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, алрамантната состојба во македонскиот Уставен суд мора брзо да биде завршена. Во изјава за Сител вели дека не ја оправдува кандидатурата на дел од предложените кандидати, што поради возраста, што поради скромното искуство, но требало да се направи компромис со новите имиња за Македонија да не го изгуби Уставниот суд.

Инаку, уставните судии ги избира Собранието со мандат од девет години без право на реизбор.

Во моментов , бидејќи не може да се обезбеди двотретинско мнозинство во Уставниот суд повеќе од 30 предмети чекаат во фиока, се додека да се пополнат сите празни места.