Балкан
1. јуни 2022 - 16:38

Какви мерки преземаат земјите од регионот?

Србија од денеска почнува со исплата на 100 евра на сите млади на возраст од 16 до 29 години. Помошта за справување со актуелната криза ја добиваат сите кои се пријавиле во акцијата „Да кликнеш од среќа“. Српското министерство за финансии соопшти дека од денеска до петок по 100 евра ќе легнат на сметките на вкупно 1.105.000 млади луѓе.

Лани српската влада во три наврати префрли вкупно по 80 евра на сметките на сите полнолетни гарѓани а помош од 70 евра добија и сите пензионери додека по 60 евра инкасираа сите невработени граѓани.

Награди имаше и за вакцинираните. 2,5 милиони Срби кои примија вакцина лани добија по 25 евра.

За идната година Србија најавува 90 евра помош на сметките на сите здравствени работници и 170 евра за пензионерите.

Косовската влада во буџетот обезбеди по 100 евра помош за сите вработени во приватниот и јавниот сектор а и сто толку пари легнаа и на студентите.  Владата двојно ја зголеми и социјалната помош а дополнителни средства добиваат најранливите категории.

Албанија  3 месеци им исплаќа по 25 евра помош на пензионерите, а за земјоделците обезбедува нафта без даноци.

Во рамки на пакетот мерки за помош албанската влада ги укина даноците за најниските плати а за повисоките ги намали на половина.

Грција пак дели по 600 евра помош за сите домаќинства кои имаат приход под 45.000 евра годишно за да им ги компензира високите сметки за струја што според пресметките ќе биде доволно да покрие 80% од поскапувањето. Покрај оваа помош, грчката влада обезбеди и евтини кредити за бизнисот во рамки на целиот пакет тежок 2,5 милијарди евра.

Германската влада се реши да ги намали давачките за горивата па Германците од денеска до 31 август ќе возат поевтини горива.

Покрај оваа мерка, сите вработени граѓани ќе добијат бонус од 300 евра а детскиот додаток ќе се зголеми за 100 евра месечно.

Во Македонија активни се само мерките за пензионерите кои добиваат 3 месеци додаток од нешто над 15 евра. На сила е и повластената даночна стапка за електрична енергија и за парното греење а министерот за економија најави дека летово ваучери за одмор ќе добијат социјално загрозените семејства за што со ребалансот на буџетот се одвоени нешто помалку од 250.000 евра.