Бизнис
20. July 2015 - 17:32

Каква храна се продава на пазарите

Лесно расиплива храна се продава во несоодветни услови. Ваква слика денеска на температура над 40-от степен регистрираше камерата на Сител на еден од скопските зелени пазари. Јајцата се чуваат на отворено, што според надлежните го зголемува ризикот  по здравјето на граѓаните. Некои од купувачите кои не сакаа јавно да зборуваат се пожалија дека иако има фрижидери, пазарџиите често ги исклучувале за да заштедат струја. И покрај ваквата состојба, од АХВ уверуваат дека се спроведуваат засилени инспекциски контроли на пазарите, посебно овој период од годината.

Граѓаните кои ги анкетиравме со поделени мислења, некои поради летните горештини се плашат да купат храна од пазар, други пак  немаат проблем да го купат сирењето, јајцата и другите лесно расипливи продукти од пазарџиските тезги.

Од АХВ истакнаа дека летово се вршат засилени инспекциски контроли не само во главниот град туку и во туристичките места, продавниците и маркетите а акцентот е ставен на хотелите, рестораните пицериите и други угостителски објекти. Минатиот месец само во Охридско Струшкиот регион инспекторите уништија околу 230 кг небезбедна храна од животинско потекло.