Македонија
17. јуни 2024 - 17:20

Како социјалните мрежи можат позитивно да го променат животот на еден млад човек

„Денес сум тука со Сител и ќе ви покажам како изгледа целиот процес за да снимате Тикток видео. Дефинитивно е многу интересно, користам вакво светло, потоа ќе ви покажам и како монтирам затоа што сметам дека на многу луѓе би им било тоа интересно на оние кои сакаат да креираат видеа. Забавно е. Кој не би сакал да си го документира животот или да снима нешто интересно со другарите“ – Александар Динев

Почнал со профил на Јутјуб и имал тројца следачи, а сега е еден од најпознатите тиктокери во Македонија. Александар Динев, иако е млад, за брзо време стана успешен и влијателен меѓу младите во земјава, а талентот го препознаа и светски брендови кои веќе соработуваат со него. Јутјуб каналот ми беше неуспешен, но препознав ументност во правењето видеа, ќе ви рече тој. Затоа ужива додека монтира, иако тој процес некогаш можеби да трае и до 8 часа.

„Најинтересниот дел е кога ги ставам ефектите. Најдосадниот е ова што го правам во моментот затоа што треба да ги избирам кадрите. Видеото трае 25 минути и сега јас од таа содржина треба да го скратам на минута, минута и пол, некогаш се случувало да имам видеа еден час долги, а да треба да ги симнам на една минута“ – Александар Динев

Динев вели најлесно ми е кога ме снима друг, но монтажата не ја дава во туѓи раце. За себе вели дека е перфеционист и важни му се сите детали, кои може да ги долови само самиот.

„Секој детал ми е важен. Станува збор за видео од 60 секунди и не е многу време и затоа гледам да го задржам вниманието максимално што е можно. Појавување на текст, ефект, влијае многу за тоа колку луѓе ќе го гледаат видеото. Колку пати ќе го гледаат што е исто така многу важно за лајкови, коментари итн“ – Александар Динев

Вели дека е среќен што самиот си одредува колку ќе работи, па кога е уморен, си зема одмор колку што му треба. Сепак, и времето што си го предвидел за одморање, понекогаш го користи за нешто да доработи или пак да научи некоја нов трик.

„Вчера сум поминал скоро 10 часа на телефон. Мислам дека е премногу, ама вчера многу работев, затоа“ – Александар Динев

Претераното користење на социјалните мрежи може да доведе до зависност.

„Во нашето истражување 5% од испитаниците може да бидат дијагностицирани или да бидат категоризирани во оваа клиничка, да речам, можеме да кажеме дека се зависни. И има уште 19% кои се многу блиску до границата за дијагностицирање“ - Јорданка Черепналкова Трајкоска, ИКС

Клучно е, вели Трајкоска, да се препознае попречувањето во секојдневниот живот.

„Добива ургентна потреба доколку слушне нотификација дека нешто стигнало на ФБ, Инстаграм, Тикток, да мора да го види. Да проценува она што му се случува во животот. Патува негде, што и да е. Дали вреди наместо да ужива во моментот, да го слика, да го стави и да чека колку лајкови ќе добие. И тоа предизвикува и науробиолошка реакција, односно зголемување на нивото на допаминот, како што сите зависнички однесувања го предизвикуваат тоа, вклучително како и злоупотребата на супстанци како дрога и алкохол“- Јорданка Черепналкова Трајкоска, ИКС

Дека премногу време поминува на социјалните мрежи препознал и Динев, кој вели дека се труди, во рамки на можностите, подолго да се дистанцира од социјалните мрежи. Затоа решил самиот да си стави „кочница“.

„Има многу апликации кои помагаат да се намали користењето на социјалните мрежи. Имав апликација која ми ги забрануваше да ги користам Тикток, Јујтјуб, Инстаграм после еден час користење. И можев само да го користам телефонот за да се јавам, да монтирам некое видео.Или да се јавам на некој другар, другарка, затоа што, реално сите можеме да се допишуваме,а не се гледаме толку многу често“ – Александар Динев

Во јануари годинава, Њујорк ги прогласи социјалните мрежи за опасни по здравјето. Образложувајќи ја одлуката, тамошните надлежни ги повикаа компаниите кои поседуваат социјални мрежи „да не поттикнуваат криза на менталното здравје“, особено кај младите луѓе.

Прилогот е подготвен во соработка со Институтот за комуникациски студии и емитуван во рамки на магазинот Детектор.