Македонија
29. July 2022 - 16:52

Како Македонец и Албанец станаа Ром и Турчин? Има ли смисла балансерот во јавната администрација?

Да се укинат вработувањата по етничка припадност, бара антикорупциска. Тврди дека законот се злоупотребува, а за тоа институциите молчат. Според комисијата за спречување корупција, кандидатите лажеле за својата етничка припадност само да го добијат вработувањето. Така, двајца се вработиле и во антикорупциска.

„Еден кандидат аплицира на пет работни места и на три работни места во истиот оглас се изјаснува различно, онака како што се бара во огласот. Еднаш македонец, па Албанец, па Ром. Другиот кандидат, се изјаснува како Турчин. По проверка на сите податоци, произлегува дека тие се актуелно вработени во јавниот сектор и веќе еднаш се изјасниле за својата етничка припадност,  едниот како Македонец, другиот како Албанец“, изјави Нури Бајрами, член на ДКСК.

Од антикорупциска твдат дека тие не се единствени случаи кога кандидатите менуваат етничка припадност за да го добијат работното место. Такви информации имал и директорот на Агенцијата за администрација.

„Го повикувам јавно да излезе и каже, бидејќи имаме слушнато за вакви злоупотреби, но, ако знае повеќе, добро би било да ги каже јавно, за да се освести и политиката и сите носители на јавни функции, дека ги тераме луѓето да се понижуваат и да лажат за вработување“, изјави Бајрами.

Поради злоупотребите, антикорупционерите бараат да се укине пополнувањето на работни места според етничка припадност..

„Навистина, прашањето е во отсуство на МЕРИТ систем за вработување, како нашиот систем функционира во државата и овозможува луѓето да  се понижуваат, да се запишуваат тоа што не се само да дојдат до парче леб. Ова е политичка одлука за која громогласно кажуваме, да се укине!“, изјави Билјана Ивановска, Претседател на ДКСК.

Антикорупциска информираше дека и таа добила пријава за наводно незаконито работење на првиот човек на финансиската полиција. Документите ќе ги предаде во обвинителство, бидејќи како што велат, веќе се водела постапка против Муареми..

Муареми, вчера обвини дека нападот врз него и институцијата се неосновани намерно исценирани..