Македонија
24. August 2021 - 20:23

Како ќе се учи и полага на државните универзитети?

Дел од студентите ќе учат онлајн, дел со физичко присуство. Универзитетите во земјава со различни одлуки за тоа како ќе се одвива наставата во високото образование во зимскиот семестар од новата учебна година.

Најголемиот универзитет во земјава, УКИМ, ќе држи комбинирана настава, односно дел од предавањата ќе бидат онлајн, а дел со физичко присуство. Ректоратот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје одлучи секој професор самостојно да определи дали испитите ќе ги спроведува од далечина или студентите ќе полагаат во амфитеатрите.

Штипскиот универзитет “Гоце Делчев” одлучи да има онлајн настава, единствено вежбите, односно практичната настава да се спроведува комбинирано. Од тамошниот ректорат објаснуваат дека причина за таквата одлука е нискиот процент на вакцинирани млади лица, што претставува опасност за ширење на вирусот.

Ректорот на Битолскиот универзитет “Св. Климент Охридски” вели дека е рано да донесат таква одлука, но најверојатно би настапиле со комбиниран начин на одржување на наставата. Голем број ваквинирани вработени и солиден процент на студенти вакцинирани.

Од Министерството за образование велат дека секој универзитет самостојно одлучува за начинот, но и за самата организација на наставата и почитувањето на здравствените протоколи.

“Сите институции и установи при носењето на одлуките за организирање на работата во услови на пандемија треба да се во координација со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Ова се однесува и на постапка за изработка на протоколи, при која исто така мора да постои координација со МЗ и Комисијата за заразни болести”, објаснуваат од Министерството за образование.

Единствено сè уште нема одлука за тоа како ќе се одвива наставата на Државниот универзитет во Тетово, во градот каде всушност состојбата со Ковид-19 е посериозна.