Македонија
31. January 2019 - 16:39

Како ќе се поминува на македонско-грчката граница до издавањето на пасошите со новото име?

До 8ми февруари ќе се знае точно како граѓаните ќе патуваат во Грција согласно преспанскиот договор.  До тогаш грчките власти треба да испратат информација до македонската влада дали ливчињата кои служеа во замена за пасош ќе заминат  во историјата или пак ќе бидат испечатени други со новото име. Во меѓувреме граѓаните ќе ја минуваат границата како и до сега.

Ќе видиме кое ќе биде административното решение, можеби ќе иа листови но на нив не би требало да го има ФИРОМ , бидејќи  ФИРОМ со стапување на овој договор веќе не постои. 

Следната недела во грчкиот парламент ќе биде ратификуван протоколот за членство во НАТО по што почнува имплементацијата на договорот. Најрано во ноември граѓаните ќе можат да извадат пасоши но и други лични документи под новото име Република Северна Македонија. Околу 9 месеци вообичаено трае тендерската постапка која ја води МВР . Но документите кои се уште имаат рок на важење , ќе мора да бидат променети најдоцна за 5 години. 

Согласно договорот граѓаните ќе треба да ги менуваат и регистарските таблици во рок од 5 години. Од Владата не очекуваат граѓаните да се соочат со проблеми какви што имаше во минатото кога ќе патуваат во соседна Грција со таблици на кои стои  ознака МК. Напротив, сметаат дека атмосферата е позитивна и очекуваат подобрување на односите во сите апсекти.  По 7 дена откако ќе стапи на сила договорот, интересорската група ќе преземе  активностите за промена на таблите на државните институции, граничните премини и на дипломатско конзуларните претставништва. За нив нема рок, ќе бидат променети веднаш.