Македонија
16. September 2024 - 21:18

Како да се „спасат'' Преспанското и Охридското Езеро?

Преспанското Езеро ни исчезнува пред очи, а проблеми има и Охридското, рече Венци Ќурчиски на основачката седница на Фондацијата за заштита на Охрид и Преспа. Магично стапче немаме, вели тој, но мора да одиме чекор по чекор, во соработка со сите засегнати институции за да се спречи ваквата состојба и на двете езера.

„Преспа е загадена со многу пестициди кои, за жал, влегуваат во Охрид бидејќи дел од водата со која се храни Охрид доаѓа од Преспа. Охрид, пак, за себе си има свои проблеми бидејќи колекторскиот систем е врзан само за дел од населените места. Колекторскиот систем е застарен, тој е направен во 80-тите години и ако тогаш сме имале Х број на население, сега имаме трипати повеќе население. Да не зборуваме за бројот на ноќевања, кои, на пример, во 2023 година биле повеќе од 3 милиони“ – Венци Ќурчиски, Фондација за заштита на Охрид и Преспа

Според него, првиот чекор треба да биде намалување на количината на пестициди, а понатаму и возобновување на Хидробиолошкиот завод, кој следната година одбележува 90 години постоење. Директорката Тасевска се надева дека нивните истражувања и резултати ќе послужат за надминување на проблемите, оти без релевантни податоци не може да се оди чекор напред. Таа тврди дека стареењето на езерата се природен процес, но човечкиот притисок го забрзува.

„Не можам да кажам дека не се преземаат мерки за заштита, меѓутоа се покажало дека тие не се доволни и не се ефикасни. Сепак, сметам дека со добри проекти, со добра финансиска поддршка, со добри чекори, дека може да се спасат езерата, првенствено зборувам за Преспанско Езеро затоа што во минатото се направени многу грешки кои довеле до сегашната ситуација“ – Орхидеја Тасевска, Директор на Хидробиолошки завод, Охрид

Деканот на Градежниот факултет, пак, вели природата го возвраќа ударот и додава дека богатството со Охридското и Преспанското Езеро е реткост на една мала територија, но не знаеме да го цениме.

„Отпадот кој го произведуваме треба да го сведеме на минимум. Кога зборуваме за градежништво тоа значи дека треба што повеќе да ги користиме постојните објекти и да ги возобновуваме, наместо да ги уриваме и да градиме нови, затоа што од уривањето се создава шут кој ние, немајќи свест, го фрламе онаму каде не треба, многу често и во овие езера, а произведувајќи нови количини на бетон и градежни материјали, го збогатуваме воздухот со јаглерод диоксид со што создаваме дополнителни проблеми“ – Горан Марковски, Декан на Градежен Факултет

Во Преспанското Езеро се наоѓа и единствениот остров во Македонија – Голем град. Според старите податоци, езерото било на 284 квадратни километри, а сега зафаќа само 259 квадратни километри. На некои места езерото е повлечено и до три километри.