Живот
4. February 2016 - 23:03

Како да се храните според хороскопот

Астролозите наведуваат дека секој хороскопски знак има одредени навики на хранење, свој специфичен начин на приготвување на храната и преференции кон одреден тип на јадења.
 
Додека едни сметаат дека јадењата треба да бидат традиционални и приготвени по рецептите од нашето поднебје, други обожаваат да експериментираат со нови и егзотични специјалитети, трети, пак, јадат сè што ќе им се постави на трпезата и не се многу пребирливи. Дознајте каков е односот на претставниците на различните хороскопски знаци кон храната.
 
ОВЕН
 
Овните ја сакаат храната жешка, пикантна и брза. Тие немаат време за долги оброци, затоа што постојано се зафатени и растрчани на сите страни. Освен тоа, не сакаат залудно да си го губат времето, па имаат лоша навика да јадат многу брзо, од „на нога“ и недоволно ја џвакаат храната. Сакаат да ги споделуваат оброците, а мразат да јадат сами. Поради нивната динамичност препорачливо е да внесуваат храна богата со калории.
 
Огнената природа на овенот влијае при изборот на зачини – колку полути, толку повкусни. Па, ако не сте љубители на лутото, нивните јадења нема да го задоволат вашиот вкус. Овните имаат голем апетит и сакаат да експериментираат со храната. Лошото е што понекогаш не внимаваат што консумираат, па тоа може да биде причина за појава на здравствени проблеми.
 
Совет: Јадете ја храната бавно и избегнувајте алкохолни пијалаци.
 
БИК
 
Биковите се вистински гастрономи. За нив е карактеристично што имаат голем апетит и што знаат на посебен начин да го ценат сетилото за вкус и да уживаат во храната. Независно што јадат, го сакаат во големи количини и никогаш не штедат кога станува збор за квалитет. Само најдоброто може да ги задоволи максимално. Држењето диета е вистинско измачување за нив, а готвењето – вистинско задоволство. Од претставниците на овој знак може да научите многу нови рецепти и несекојдневни комбинации на вкусови. Најголем предизвик им е да се откажат од јадењето на слатка и чоколадна храна.
 
Родените во овој знак не сакаат да бидат вознемирувани додека јадат, бидејќи сакаат да се чувствуваат релаксирано и пријатно. Ако излегувате со претставник на знакот бик, веројатно ќе ве одведе во ресторан со богато мени и одлична храна. Доколку разговарате со бик за здрава исхрана, тој многу лесно ќе ве убеди дека не постои нездрава храна и дека сè е корисно за телото ако е приготвено на правилниот начин.
 
Совет: Не претерувајте со слатките. Обидете се да ги замените со благо овошје.
 
БЛИЗНАЦИ
 
Близнаците не се меѓу личностите кои страдаат од вишок на килограми, затоа што никогаш не ги празнат чиниите целосно. За нив е поважно да каснат малку и што побрзо, за да имаат повеќе време за добар разговор. Мразат да јадат сами, обожаваат друштво на трпезата. Ако сте на иста маса со претставник на близнаци, бидете сигурни дека во ниту еден момент нема да ви е здодевно – нивните зборови се хипнотизирачки.
 
Можеби јадењето не им е од омилените активности, но затоа пак готвењето им е особено привлечно. Кујната е местото каде знаат да ја покажат својата креативност, талентот за комбинирање на состојките и храброста за експериментирање. Дури и најголемите традиционалисти не можат да ѝ одолеат на храната приготвена од претставник на знакот близнаци. Разнообразната храна е задолжителна на нивното мени. Се смета дека близнаците најретко страдаат од заболувања предизвикани од консумација на нездрава храна.
 
Совет: Избегнувајте го внесувањето на големи количества алкохол и мрсна храна за да немате проблеми со стомакот.
 
РАК
 
Раковите се надалеку познати по нивните кулинарски вештини, па често меѓу нив има професионални готвачи, сопственици на ресторани, но и одлични домаќини кај кои секој би сакал да престојува. Ја обожаваат домашната храна, приготвена по рецептот на баба. Секогаш купуваат скапи, но квалитетни намирници и затоа на нивните специјалитети никој не може да им одолее.
 
Претставниците на знакот рак се склони да јадат брзо, дури и по малку агресивно и мразат да ја делат својата порција. Нивна лоша страна е што не се грижат за сопственото здравје и често се прејадуваат, особено кога се нервозни. Поради нивниот чувствителен стомак често треба да го контролираат својот огромен апетит. Од друга страна, пак, раковите се одлично друштво на трпезата. Тие секогаш инспирираат со приказните за своите специјалитети, рецепти, потеклото на храната итн.
 
Совет: Контролирајте го апетитот кога сте нервозни.
 
 
 
ЛАВ
 
Лавовите се љубители на скапата храна, приготвена од најквалитетни состојки. Ја користат секоја можност за оброк во луксузен ресторан, кој ќе придонесе да се чувствуваат како потомци на кралско семејство. Многу се дисциплинирани кога станува збор за исхраната и имаат изградено свои навики од кои не отстапуваат. Најчесто јадат брзо, но никогаш сами. Обожаваат кога трпезата е исполнета со познати лица и блиски личности, затоа што така се чувствуваат најпријатно.
 
Претставниците на овој знак не сакаат да готват, но кога го прават тоа, го прават од срце. Среќни се кога гледаат дека нивните специјалитети мамат насмевки на лицата на најблиските. Лавовите се склони кон болести на срцето, па треба да внимаваат на начинот на приготвување на храната, особено на месото од кое никогаш не се откажуваат.
 
Совет: Внесете повеќе овошје и зеленчук во вашата исхрана и намалете ги оброците кои вклучуваат месо.
 
ДЕВИЦА
 
Девиците имаат премногу чувствителен стомак, па препорачливо е да внимаваат што ставаат в уста. За среќа, тоа не е многу тешко за пребирливите девици за кои е карактеристичен рационалниот начин на хранење. Ако постои знак кој може да биде на диета без ниту еднаш да подлегне на искушението да мами, тоа сигурно е девицата. Бавниот метаболизам е уште еден проблем на девиците, па треба да внесуваат храна која лесно се вари.
 
Претставниците на овој знак прават волшепства во кујната. Не експериментираат со нови производи и зачини, но никој не може да им одолее на нивните превкусни јадења. Девиците по природа се многу штедливи, но не и кога станува збор за храна. Неодоливиот вкус им е поважен од цената. Мразат да фрлаат храна, дури и кога станува збор за остатоци, па мисијата да приготват Нешто од Ништо им е секогаш успешна.
 
Совет: Хранете се со лесна и здрава храна за да ги избегнете тегобите во стомакот.
 
ВАГА
 
Вагите се љубители на храната. Секој оброк за нив е празник, па не пропуштаат да каснат сè што им стои на располагање – салата, предјадење, главно јадење… ако си помисливте дека тоа е сè, се лажете. Невозможно е вагите да го пропуштат десертот. Речиси сите претставници на овој знак се зависни од чоколадо и благи работи, па побрзо би се откажале од главното јадење отколку од слаткото задоволство кое доаѓа на крајот од оброкот.
 
На вагите особено им е важен естетскиот изглед на храната и трпезата. Ако некогаш видите совршено декорирана маса, верувајте дека тоа е дело на вага. Имаат одлични дизајнерски способности и прават декорации кои го мамат погледот. Обожаватели се на доброто сортно вино, особено црвеното. Сакате да ги изненадите? Не се обидувајте да го сторите тоа со обични јадења како пица, омлет… Внимателно изберете отмен гурмански ресторан кој ќе го задоволи нивниот префинет вкус.
 
Совет: Не ја задоволувајте секогаш желбата за поткаснување чоколадо ако сакате да ја одржите добрата фигура.
 
ШКОРПИЈА
 
Претставниците на овој знак се љубители на калоричната храна, често огладнуваат и јадат кога ќе посакаат, па дури и во текот на ноќта. Празниот фрижидер лесно може да ги изнервира, а отсуството на зачини буквално ги вади од такт. Овие љубители на зачините се одлични готвачи токму поради нивната способност истите умешно да ги комбинираат. Ако некој хороскопски знак лесно би го заменил благото со похранлива варијанта, тоа сигурно би била шкорпијата.
 
Лошата страна од нивниот кулинарски карактер е што не знаат да се преправаат кога храната не е приготвена по нивен вкус. Тие без срам ќе ја остават чинијата полна. Шкорпиите имаат слабо и витко тело само поради тоа што го следат принципот сè или ништо, па кога ќе почувствуваат дека претерале и дека фармерките им стануваат тесни, веднаш започнуваат со рестрикции во исхраната.
 
Совет: Консумирањето на алкохол заменете го со внесување на поголеми количини вода и чаеви.
 
СТРЕЛЕЦ
 
Егзотични, нестандардни и зачинети јадења, колачи, торти – оваа храна преовладува на менито на стрелците. Љубопитни се, па редовно експериментираат и сакаат сè да пробаат. Често внесуваат и по неколку јадења истовремено, што им изгледа по малку чудно на другите луѓе. Исхраната на стрелците често оди од една крајност во друга. Во еден момент може да се однесуваат како да немаат видено храна и лакомо да ги празнат чиниите, додека во друг – може да гладуваат со денови.
 
Поради склоноста да се прејадуваат, препиваат и претеруваат со задоволствата, претставниците на овој знак често страдаат од дигестивни проблеми. Од прекумерна тежина ги заштитува само нивната желба за практикување најразлични физички активности.
 
Совет: Независно што јадете, не претерувајте количински.
 
ЈАРЕЦ
 
Јарците, познати во хороскопот како неуморни работници, секогаш наоѓаат време за добар оброк. За нив квалитетот е секогаш поважен од квантитетот. Особено важна им е атмосферата додека јадат – таа треба да биде релаксирана и мирна. Обожаваат да присуствуваат на семејни ручеци, а мразат кога некој им кажува што да прават. Тоа е и причината што ретко држат диети.
 
Претставниците на овој знак се големи традиционалисти и нивна опсесија се домашните јадења. Затоа, кога го избираат својот животен сопатник, не забораваат да го стават готвењето во листата на приоритетни критериуми. Обожаваат природна храна, а се ежат кога ќе дојдат во допир со егзотична храна. Иако не ги сакаат зачините, понекогаш знаат да претераат со солта.
 
Совет: Внимавајте кога ја посолувате храната. Солта е вашиот најголем непријател.
 
ВОДОЛИЈА
 
Претставниците на овој знак се површни јадачи, воопшто не се себични кога станува збор за споделување на храната и најчесто се задоволуваат со нискокалорични оброци. Никогаш во нивните мисли не доминира храната, но знаат да уживаат во дегустирањето на сè што е ново, чудно, невообичаено. Меѓу претставниците на овој знак често можат да се најдат вегетаријанци и вегани, поради нивната хуманитарна природа. Дополнителна причина за нивната склоност кон вегетаријанството е што обожаваат зеленчук и овошје, па радо би го замениле месото со една порција овошна, шопска, сезонска…салата.
 
Водолиите не се традиционалисти во кујната. Додека готват, а тоа ретко се случува, мразат слепо да ги следат рецептите, секогаш прават промени и им се препуштаат на креативноста и фантазијата. Особено им е важно поставувањето на трпезата – таа треба да е убаво и богато декорирана. Лошата страна на водолиите е што понекогаш претеруваат со кафето и со вечерното „поткаснување“.
 
Совет: Прескокнете го јадењето во доцните вечерни часови, а појдувајте пообилно.
 
РИБИ
 
Рибите се љубители на традиционалната, веќе испробана храна и не сакаат да експериментираат. Тие се единствениот знак кој многу повеќе внимание посветува на изгледот, отколку на вкусот на храната. Не се лакоми, но го сакаат чувството кога имаат на дофат на рака нешто за поткаснување.
 
Претставниците на овој знак понекогаш повеќе го ценат доброто друштво на масата отколку оброкот кој им е во чинијата. За нив храната е повеќе потреба отколку задоволство. Лесно се приспособливи, па никогаш не прават проблеми што и колку ќе се јаде. Најнегативната карактеристика на рибите е што често знаат да претераат со алкохолот, а тоа влијае негативно врз нивното здравје.
 
Совет: Пијте повеќе вода и научете се да јадете побавно и со задоволство.