Македонија
22. May 2026 - 16:33

Како да ја заштитиме биолошката разновидност?

Речиси 14% од државата е заштитено подрачје. На списокот на загрозени и критично загрозени животни и растенија десетици видови на водоземци, влекачи, растенија и габи, како и еден критично загрозен цицач.

Но како и за сѐ друго, за да се заштити биолошката разводност во државата, потребни се пари. Колку пари државата издвојува, а колку ѝ се потребни за да си ја зачува природата? 

Одговор на ова прашање треба да даде УНДП, кои заедно и со експертската јавност и со институциите работат на изработка на План за финансирање на биолошката разовидност. 

- Самиот план би требало да креира неколку иновативни финансиски модели кои би помогнале да се намали тој јаз помеѓу потребата и трошоците за биолошката разновидност и кои со самото тоа би ја зачувале биолошката разновидност за идните генерации, вели Игор Изотов од УНДП.

Од овој План треба да произлезе систем преку кој државата и компаниите ќе вложуваат повеќе пари во заштита на природата во државата. Главен приоритет е како да се направи приватниот сектор повеќе да вложува, а според универзитетскиот професор Драган Тевдовски, засега компаниите се отворени за такво нешто. 

- Едно од решенијата кое заедно го размислуваме е да се направи еден регистар на потребни донации во биолошка разновидност, односно во природата. И секоја фирма да си избере каде би сакала, што би сакала да вложи, а од друга страна, тоа е важно, бидејќи тој Регистар би бил во согласност со националните приоритети за тоа што сите ние треба да придонесеме да се случува во Македонија, вели професорот Тевдовски.

Но во иднина би можеле да произлезат и пософистицирани решенија.

- На пример, иновативни обврзници, односно обврзници поврзани со некакви резултати во природа кадешто има две компоненти. Едната е од некој меѓународен донатор, како ГЕФ, а од другата се издава обврзница према поширока јавност, значи главно фирми коишто би ја купиле. И главна предност би била дека ќе се направи една поголема коалиција во земјава. А тие обврзници некогаш се во поширокиот регион, коишто опфаќаат повеќе земји коишто би се залагал и настојувал да се остварат позитивни резултати во природата, вели Тевдовски. 

Македонија е потписничка Глобалната рамка за биодиверзитет. Тоа ја обрзува државата да развива вакви планови за финансирање на биолошката разновидност како средство за мобилизација на потребните финансиски ресурси за спроведување на рамката.