Македонија
14. September 2022 - 21:17

Како да им се помогне на Македонците во Албанија наспроти агресивната политика на Софија за бугаризација?

Македонскиот јазик ќе се изучува на педагошкиот факултет во Корча. Ова е договорено на денешната средба меѓу министерката за култура Стојчевска и ректорот Бело. Ваквата најава следи во турбулентен период кога Македонците во Албанија се жалат дека Бугарија прави притисок - македонското малцинство да го запише како бугарско. Стојчевска вели дека грижата за идентитетските особености, со акцент на јазикот и културните вредности се нашите врвни приоритети.

„Ова е многу позитивен чекор за нашата земја, многу позитивен чекор за Македонија и за Македонците коишто живеат надвор од границите, бидејќи сметам дека токму со изучување на македонскиот јазик на сите оние коишто живеат и надвор од границите продолжуваме да ја негуваме и историјата и културата и традицијата. Ова треба да ни биде пример како треба да ја градиме нашата мрежа надвор од границите, а морам да ви кажам дека преку советот за македонски јазик при институтот за македонски јазик ова е еден од првите чекори коишто планираме да ги преземеме во однос на позитивна афирмација на македонскиот јазик надвор од границите на Република Македонија“. – Бисера Костадиновска Стојчевска, министер за култура

И претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов, беше присутен на денешните средби. Според него ова е силно зацврстување на македонскиот јазик, но треба уште проширување на наставните програми по македонски јазик и во други држави.

„Мојата лична желба, а се надевам и дека напорите на државата, односно Министерството за култура ќе продолжат во таа насока се дека ние мора да го шириме македонскиот јазик на повеќе универзитети барем во Европа, но и надвор од неа затоа што нашите придвижувања кон Европската Унија тоа го бараат. Се прават и големи напори да се признаат сертификатите за познавање на македонски јазик што на луѓето во Р. Албанија ќе им служат во својата професионална кариера“ – Људмил Спасов, универзитетски професор

На денешните средби, договорено е организирање и на Денови на македонската култура во Корча. Планот е истите да се одржат во втората половина на следниот месец.