Како четиригодишно дете има гангренозни рани и скршеници по телото?
Во стабилна состојба но под интензивен медицински надзор е четиригодишното девојче од струмица, кое пред три дена неухрането, со гангренозни рани поради студот, повреди по телото и скршеници во многу тешка состојба било примено на Клиниката за детски болести. Детето со возило на брза Помош било испратено за Скопје од струмичката болница. Дали некој го тепал, физички нападнал и како е доведено во ваква состојба ќе истражуваат полиција, социјални служби и судски вештак. Мајката имала и свое објаснување пред лекарите.
-По спроведување на првичните постапки за стабилизација на детето беа вклучени и колеги од Детска Хирургија и Инфективна, направени се преврски на раните и започнато е интензивно лекување. Инаку, што се однесува до раните мајката кажа дека тие се од напад на куче пред две недели, вели доц. д-р Валентина Цвејоска Чолаковска, директор на Клиника за детски болести.
При дијагностичките процедури кај детето биле утврдени и скршеници по телото а како што велат лекари од Детска, било донесено во толку тешка состојба што се прашувале како преживеало.
Иако е стабилизирано, од детска велат потребно е многу вложување за неговата здравствена состојба.
-Во моментот е во стабилна сдостојба, со стабилни параметри, но под интензивен надзор и следење, вели д-р Цвејоска.
Засега е нејасно каде било детето изминатите две недели, откако според кажувањата на мајката било нападнато од куче. Надлежните треба да ги дадат сите одговори по расчистување на случајот.
Ова е втор случај за неполни две недели откако во Скопје почина двегодишно дете од Кичево со тешки повреди по телото за кое е осомничен таткото.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар