Како Битола се справи со снежниот предизвик?
Снегот кој интензивно врнеше од вчера, предизвика проблеми во Битола, особено во повисоките делови на градот. Со автомобил ретко кој се движеше, а лизгавите улици предизвикуваа и проблеми. Граѓаните внимателно се движеа по угорнините. Жителите од населбата Баир утрово излегоа да ги расчистат улиците онаму каде што потешко се качува механизацијата.
-Снегот ни го отежнува движењето, не може со кола да излеземе, постарите не можат да одат да излезат ни до продавница, едноставно не функционираме никако. Колите ги оставаме подолу, не можеме да ги прибереме в гаража, снегот не натрупа. Мраз е цело, за малку тука треба синџири, велат жители на населбата Баир.
Од „Нискоградба“ велат дека улиците од прв и втор приоритет се исчистени, а вклучени се 12 возила во расчистување на снегот. Поголем дел од локалните патишта до селата околу Битола се исчистени, додека уште неколку села ќе ги исчистат вечерва. Се чека да запрат врнежите, за да почне да се фрла сол. Што се однесува за повисоките делови од градот, Силјановски вели:
-Брусничка главните улици и дел од споредните се исчистени, на Баир застанавме до пола и ќе продолжиме во попладневните и вечерните часови. По програмата штом паднат 10-12 сантимери, треба да пристпиме кон чистење на улиците. Проблеми ни задава што некои улици ги поминуваме по трет пат заради тоа што континуирано врне, изјави Методи Силјановски, директор на ЈП „Нискоградба“ - Битола.
Снегот предизвикал проблеми синоќа на улицата „Илинденска“.
-На улицата која моментално се изведува, таа делница, возило удри во куп од чакал, излеговме на терен, имаше и отстранет еден капак, му пмогнавме со трактор на возилото да го извлечеме, денес повторно беше тргнат тој капак, па испративме екипа и е средено, вели Силјановски.
Според информациите на „Нискоградба“ од подизведувачите на терен, снежната покривка во Битола околу пладне изнесуваше 40-тина сантиметри, а врнежите се очекува да престанат во вечерните часови.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
