Кадриевски пуштен на домашно лекување
Бекир Кадриески од струшко Лабуништа по инцидентот во кој бил физички нападнат е пуштен на домашно лекување. Од болницата во Струга каде бил примен велат дека на Кадриески му биле направени детални испитувања кои покажале дека пациентот нема сериозни повреди, бил видно вознемирен за што му бил даден само седатив и бил пуштен дома.
Неофицијално од судски извори од Судот во Струга дознаваме дека нема елементи на кривично дело во случајот со Кадриески од струшко Лабуништа. Од таму посочуваат дека станува збор за нарушување на јавен ред и мир со викање и карање исто така дознаваме дека станува збор за нерасчистени меѓусебни односи кои двајцата ги имале од неодамна при еден престој во казино во Струга.
Од полициски извори дознаваме дека напаѓачот сам се пријавил во полиција, рекол дека не го удрил и дека имале нерасчистени сметки од претходно Во текот на вчерашниот ден извршен е разговор со лицето од Велешта, известен е јавен обвинител под чија надлежност ќе се преземат мерки за расчистување на случајот.
Инаку на полицијата и двајцата лица едниот од Лабуништа другиот од Велешта и се добро познати за казнени дела.
Сè до целосно расчистување на случајот, Министерството за надворешни работи апелира за воздржаност од предвремени квалификации во врска со инцидентот за кој најпрво бугарските медуми, а потоа и МНР на Бугарија соопштија оти се случил вчера, а во кој бил нападнат претседателот на бугарското здружение „Шемето“ во Струга.
„Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и Бугарската заедница“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Дополнително, МНР упати повик до политичките субјекти и до јавноста во Бугарија да им овозможат на институциите во земјава да ги расчистат околностите на инцидентот и соодветно да постапат.
Како со Пендиков и во овој случај бугарските власти еспресно реагираа. Веднаш бил испратен вработен во Генералниот конзулат во Битола, за да го расчисти случајот и да се установи дали овој инцидент има етничка позадинa.
Дел од политичките партии овој инцидент го осудија. Бугарските медиуми пак јавија дека Кадриески бил соборен на земја и клоцан, а напаѓачот, од Велешта, го навредувал по етничка основа ”.
Инаку Кадриески е државјанин на Македонија, живее во струшко Лабуништа, нема бугарски пасош, но изјавува дека има бугарски идентитет.
-

Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар
